За 15 отсто повисоки плати ќе добиваат од овој месец вработените во основното и во средното образование. Така на пример, ако платата на наставникот досега изнесувала околу 26.000 денари, со новата пресметка таа ќе изнесува околу 30.000 денари. Септемвриската покачена плата, вработените треба да ја добијат деновиве.
Јаким Неделков, претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура за Мета.мк вели дека се зголемуваат ставките за минат труд, како и за одделенско раководство.
„Ако се реални наставниците, би требало да речат дека се задоволни од ова што го постигнавме, без разлика на инфлација и на тоа што олку време чекавме. Вакво зголемување од 15 отсто, досега во државата никогаш немало“, вели Неделков.
Освен ова покачување, вработените во просветата ќе добијат уште едно покачување. Повисоки плати за најмалку од 3 до 4 отсто се очекува да имаат со јануарската плата.
„Тоа е зголемување за околу дополнителни 1.000 денари“, вели Неделков.
Првиот синдикалец информира дека добиле колективен договор со нови права на вработените во јавните детски градинки, но за жал не успеале истите права за зголемена плата од 15 отсто да ги обезбедат и за административните работници во градинките (советници, секретари, благајници, сметководители).
„Не успеавме бидејќи Законот за детска заштита, упатува на Законот за административни службеници, каде што се регулирани нивните плати. Затоа Министерството за труд и социјална политика не сакаше да попушти, иако ние како синдикат мислевме дека со колективен договор може да се утврдат платите за административците. Сепак нема да застанеме тука, ќе продолжиме со нашето барање за поголеми плати на административните работници. Тие се наши членови“, додава Неделков.
СОНК бара повисоки плати и во високото образовнание, а за тоа наскоро ќе започнат преговори. До мај треба да има нов колективен договор. Ќе се види разликата на просечната плата од лани и сега, а ќе се пресметуваат и другите трошоци на живот по што ќе излезат со конкретна сума, со цел да им бидат реални и аргументирани тезите за нивните барања.
Членовите на СОНК пред неколку месеци протестираа за повисоки плати, а учениците не одеа на настава. Бараа од надлежните покачување на платите за 18,4 отсто, а договорија повисоки плати за 15 отсто.
Извор: МЕТА