Не ги разбирате младите

Не ги разбирате младите

Пишува: Сотир Габелоски

Жално е, а на моменти и грозно, тоа што предизборно се фалите дека сте направиле нешто за младите. Тоа покажуа и колку не знаете да им се доближите, додека, истовремено, ги потценувате и мислите дека можете да ги поткупите.

Веднаш по изгласување на измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се јавија многу поединци и групи, кои од предизборен интерес истрчаа да се пофалат. Предлог измените ги предложи Универзитетското студентско собрание, ама фалбите им припаднаа на политичките партии и одредени пратеници.

Прво, многу е смешно сето ова што го правите. Кога смеата ќе заврши, тогаш доаѓа ужасот. Предизборно терате младинска агенда и се натпреварувате кој прв ќе се пофали. Мислите дека младите се глупави и навистина ќе излезат и ќе гласаат за вас само заради тоа што еднаш во 4 години сте дигнале рака за нешто.

Младите не ве познаваат. Народни избраници сте, претставувате политички партии и младите не слушнале за вас. Зошто? Најпрво, затоа што не сте направиле ништо. Апсолутно ништо. Потоа, не знаете да комуницирате со нив. Не се комуницира еднаш на 4 години и со политики кои се минорни од она што навистина им треба и што би ги задржало тука.

Апсурдна е трката за тоа кој прв ќе објави дека се изгласале измените. И тоа е само додаток на апсурдот во кој што живеат младите и студентите. Вашето непознавање, а пред се’ неискреноста во пристапот, доведуваат младите да се дополнително летаргични од сегашната ситуација.

Со вчерашните фалби можеме да кажеме дека официјално почнува кампањата за младите. Со измените на Законот за студентски оброк започна злоупотребата на терминот „млади“ во предизборниот период. Кој ќе има уши да ве слуша како одеднаш младите се во фокусот, додека вашата стратегија се базира на стипендии.

Треба многу да учите како се претставуваат млади. Всушност, тоа покажува колку сте несоодветни за позициите со кои се китите. Не ве слушаат и не ве разбираат. Првиот чекор кон придонес за младите е да го разберете тоа. Дотогаш… аирлија избори!

Прочитајте повеќе

Македонија и „Биг Бенг“: историски лекции

Македонија и „Биг Бенг“: историски лекции

Децата родени во 2004 во новите земји членки на ЕУ сега се студенти, млади бизнисмени …