Не, не сме сите ВМРО!

Не, не сме сите ВМРО!

Пишува: Зоран Милошески

Со сета почит кон основачите на организацијата и борците кои ја почнале борбата за создавање слободна и независна македонска држава, никако не можам да ја прифатам фразата „Сите сме ВМРО“. Оти не сме. Ни сме биле, ни ќе бидеме. Ниту идеолошки, ниту по било која основа.

Оти, за да се препознаваш себеси во некого или во нешто, првенствено треба да се поистоветуваш со него. Ако првата асоцијација за ВМРО се Ванчо Михајлов, Ќосето, Черноземски, братоубиства, колежи, предавства… за какво поистоветување зборуваме? Камата и пиштолот немаат ништо заедничко со пацифизмот, со човекољубието, со љубовта.

Со тоа што ДПМНЕ самоволно се прогласи за наследник на историското ВМРО, од првиот ден на своето формирање го навести својот карактер: дека без никаква скрупула ќе присвојува се’ од коешто може да профитира, а ќе се откажува од се’ што нема да и’ оди во прилог. Дури и од личности кои биле нејзини икони.

Така, без око да им трепне се откажаа од Љубчо Георгиевски и Борис Трајковски, од брат Љубе и бате Саше, следен во низата е Грујо, а не е далечен денот кога истата судбина ќе го стигне и Мицко.

Од македонското минато, како од послужавник внимателно бираат и земаат се’ што ќе им се бендиса: историски личности, настани од културата, уметноста, спортот… и на сите ним им ја лепат „патриотската“ етикета „ВМРО-ДПМНЕ“.

Дрско и вулгарно, без пардон, ги присвоија дури и македонските народни и патриотски песни. Истите оние песни кои ние, нашите родители, баби и дедовци, отсекогаш сме ги пееле на сите фамилијарни веселби.. на свадби, крштевки, семејни слави… Сме ги пееле и свиреле и пред и после формирањето на ВМРО-ДПМНЕ во 1991 година, во време кога домашните фонотеки на не мал број тогашни а и сегашни функционери на ДПМНЕ, беа идентични со фонотеките на радио „Шабац“.

Нашата семејна слава, Митровден, никогаш не поминала без да се запее „Ја излези Ѓурѓо“. Ама никогаш! Без неа и без и десетици други изворни македонски песни. И како сега сите тие станаа „сопственост“ на мицковци?

Која е логиката дека пеењето на патриотски песни подразбира припадност или наклонетост кон ДПМНЕ? Значи ли тоа дека Питу Гули и Јордан Пиперката на изборите гласале за кандидатите на Грујо и на Мицко?

Какви се тие небулози кои СДСМ доброволно ги прифати и без “борба“ му го препушти теренот на ДПМНЕ? Зошто некој мисли дека е срамно или погрешно на партиски собири да се пуштаат патриотски песни, под изговор дека на тој начин се „вмроизира“ партискиот настан?

Да биде трагикомедијата уште поголема, дочекавме ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Мицкоски која со децении го негираше, девалвираше и обезвреднуваше партизанското движење и антифашистичката револуција, да прави партиски митинг во Паркот на Револуцијата во Прилеп. Пред Могилата на непобедените, каде почиваат над 600 прилепчани, борци, партизани кои своите животи ги положија на браникот на татковината, борејќи се против германскиот и бугарскиот фашистички окупатор.

Дочекавме во Прилеп грујовци и мицковци да зборуваат за чест и чесност, во истиот град во кој нивните сопартијци од општинските простории го украдоа и го потаманија орденот „Народен херој“, со кој Јосип Броз Тито во 1975 година го одликуваше Прилеп.

Покрај арамилакот од епски размери, челниците на „наследниците“ на историското ВМРО беа фатени како тргуваат со државните и националните интереси и како меѓусебно се пазарат за новото име на државата, лиферувајќи ги предлозите Вардарска Македонија, Северна Македонија, Република Македонија (Скопје)…

И покрај таквата бесрамна хипокризија, над нив сеуште лебди ореолот на самопрогласени „патриоти“. Поголема бесмислица – здравје.

И после сето ова тие се патриотите, а другите предавниците? И сите сме ВМРО?

Не, не сме сите ВМРО. Ни случајно!

Прочитајте повеќе

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, …