Сојузниците на Израел, вклучително и САД, но и многу негови непријатели побараа оживување на долгогодишното „решение за две држави“, во кое идната палестинска држава ќе седи рамо до рамо со израелската
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ официјално ги информирал САД дека се противи на формирањето на палестинска држава, откако ќе заврши конфликтот во Газа, јави Би-би-си.
На прес-конференција, Нетанјаху ветил дека ќе продолжи со офанзивата во Газа „до целосна победа“, уништување на Хамас и враќање на преостанатите израелски заложници, додавајќи дека тоа може да трае „уште многу месеци“.
Со речиси 25.000 убиени Палестинци во Газа, според Министерството за здравство на Хамас, и раселени 85 отсто од населението на Појасот, Израел е под силен притисок да ја заузда својата офанзива и да се вклучи во значајни разговори за одржлив крај на војната, пишува Би-би-си.
Сојузниците на Израел, вклучително и САД, но и многу негови непријатели побараа оживување на долгогодишното „решение за две држави“, во кое идната палестинска држава ќе седи рамо до рамо со израелската.
Надежта во многу кругови е дека актуелната криза може да ги натера завојуваните страни да се вратат на дипломатијата, како единствена остварлива алтернатива на бескрајните циклуси на насилство. Но, од коментарите на г-дин Нетанјаху, неговата намера е спротивна.
Говорејќи пред новинарите по последните коментари на г-дин Нетанјаху, портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, призна дека САД и Израел очигледно гледаат поинаку на работите.
Вчера Нетанјаху рече дека Израел мора да има безбедносна контрола над целата земја западно од реката Јордан, која ќе ја вклучува територијата на која било идна палестинска држава.
„Ова е неопходен услов и е во спротивност со идејата за (палестинскиот) суверенитет. Што да се прави? Им ја кажувам оваа вистина на нашите американски пријатели, а исто така го прекинав обидот да ни се наметне реалност што ќе ѝ наштети на израелската безбедност“, рече тој.
Извор: МЕТА