По пресечените цевки за довод на кислород во Клиничката болница во Тетово кон крајот на август годинава, нов обид за диверзија е регистриран во Општа болница Прилеп, информираат од Министерството за здравство.
Прилепската болница до Министерството за внатрешни работи синоќа пријавила случај на физичко оштетување на таблата за електрична енергија од модуларната болница.
„Обезбедувањето на болницата забележaло дека таблата од надворешната страна на болницата е отворена со хебла и го известиле електричарот од болницата, а веднаш била повикана и полиција. Струјата во модуларната болница е во функција, бидејќи надворешната табла не врши дотур на електрична енергија на опремата во болницата“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Во модуларната болница во Прилеп во моментов се хоспитализирани 17 пациенти, при што вандализмот не довел до тоа да го загрози животот на пациентите.
Од Министерството за здравство апелираат до надлежните институции за што побрзо расчистување на овој случај.