Сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска се обрати на одбележувањето на 30 Мај – Светскиот ден на мултипла склероза што се одржа во организација на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза.
Говорејќи за постојаната борба и неизвесност на пациентите со мултипла склероза, сопругата на претседателот истакна дека благодарение на усовршената терапија кај пациентите постои значително подобрување, но предизвиците и промените се постојано присутни и затоа покрај медицинскиот третман суштинска е и психолошката поддршка.
„Како општество, институционално, но и како индивидуи да придонесеме за благосостојбата на лицата со мултипла склероза. Да ја потврдиме поддршката за унапредување на нивната здравствена состојба и секако подобрувањето на квалитетот на животот. Да ги охрабриме да истраат во секојдневната борба и да им се најдеме кога е најпотребно“, нагласи Ѓоргиевска.
Ѓоргиевска истакна дека им се восхитува на истрајноста, упорноста и оптимизмот на лицата со мултипла склероза бидејќи тие, и покрај болеста, ги извршуваат своите семејни и професионални обврски давајќи го најдоброто од себе.
„Да се инспирираме од нивниот пример и да го сакаме животот и да ги цениме работите што ги имаме. Со заеднички сили можеме да ги намалиме последиците и да создадеме пријателска средина за сите засегнати. Да делуваме системски, темелно, без импровизации и стихијни акции. Убедена сум дека солидарноста и заедничката надеж нема да траат само на светскиот ден ниту само во текот на месец мај, туку преку целата година“, порача сопругата на претседателот.
На настанот се обратија Ана Карајанова Димитрушева, претседател на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, заменик министерот за здравство, Владимир Рендевски, директорката на секторот фармација во Фондот за здравствено осигурување, Кристина Христова и директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, Иван Барбов.
Денешниот настан којшто се одвива под името „МС поврзувања“, е дел од глобалната кампања за подигање на свеста за мултипла склероза за да се обезбеди навремена и точна дијагноза, подобра терапија и подобар квалитет на живот за пациентите со мултипла склероза.