Османи

Османи: 43 македонски државјани се eвакуираат од Украина, Владата ќе одлучува за прием на бегалци

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг посветен за последните актуелности од надворешната политика рече дека од вкупно 120 мапирани граѓани од Македонија, меѓу кои има и дел украински граѓани, 20 граѓани го искористиле апелот и ја напуштиле Украина пред да почне воената инвазија на 24 февруари.

Според министерот, по руската агресија 20 граѓани ја напуштиле Украина и веќе се пристигнати во земјава.

„43 се во активна евакуација и се на пат за излез од Украина. Од нив 25 веќе се во околните земји, додека 18 се сè уште во Украина, но патуваат кон границите во безбедни конвои“, посочи Османи.

Тој додаде дека во своите живеалишта во Украина сѐ уште се останати 38 македонски граѓани од кои 11 се во Киев, 7 се наоѓаат во Запорожје, а 18 се во другите делови од Украина.

Шефот на дипломатијата истакна дека институциите во Македонија прават анализи дали и колку бегалци од Украина би можеле да бидат згрижени кај нас, но засега никој не побарал статус на бегалец. Тој најави дека очекува на утрешната сеница на Влада веќе да се утврдат расположливите капацитети за беглаци.

„Досега немаме на граница пријавено граѓани на Украина кои бараат статус на бегалец. Се разбира има влез на украински државјани како и претходно без некое зголемување на интензитетот. Ние побаравме од институциите, секоја во својот дел, да ги направи подготовките вклучувајќи го и Министерството за здравство. Тоа треба да направи посебен тим за проценка на капацитетите за нудење на здравствена помош на евентуално ранети и така натаму. Очекувам утре на седница на Влада да го имаме првиот извештај на институциите за да можеме понатаму да продолжиме со другите чекори и подготовки по однос на ова прашање“, рече министерот Османи.

На новинарско прашање околу тоа дали се известени за објавата на руската амбасада каде велат дека ги бележат актите на т.н. „русоифобија“, Османи истакна објавата на руската амбасада во Северна Македонија е „класична закана“ додавајќи дека во текот на денешниот ден ќе се одржи координативен состанок за да се заземе став околу оваа објава.

„Нашата позиција кон Руската Федерација во контекст на оваа агресија е јасно искажана, таа е јавно манифестирана и ние ќе се придружиме на сите одлуки на Европската Унија во осуда, но и во дефинирање на односот кој што ќе го имаме со Руската Федерација, но тоа ќе го направиме во координација со ЕУ а не врз основа на билатерална одлука“, порача Османи.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

ЦИВИЛ бара да се сопре насилството и национализмот: Кој даде „амин за јуриш“?

ЦИВИЛ најостро ги осудува ширењето на етничката омраза и повиците на насилство кои навивачките групи …