Истражувачите од агенцијата припишале 253.000 смртни случаи на концентрацинте на ПМ 2.5 честичките кои ги прекршиле максималните ограничувања на СЗО
Нечистиот воздух убил повеќе од половина милион луѓе во Европската Унија во 2021 година, покажуваат проценките што ги пренесува „Гардијан“. Околу половина од смртните случаи можело да се избегнат со намалување на загадувањето до границите препорачани од лекарите.
За првпат, Европската агенција за животна средина го процени целосниот товар на болести што ги носи загадениот воздух. Истражувачите откриваат и колку години луѓето живееле со болестите предизвикани од лошиот воздух.
Истражувачите од агенцијата припишале 253.000 смртни случаи на концентрацинте на ПМ 2,5 честичките кои ги прекршиле максималните ограничувања на Светската здравствена организација (СЗО) од 5 микрограми на метар кубен.
Дополнителни 52.000 смртни случаи настанале од прекумерно ниво на азот диоксид, а 22.000 смртни случаи од краткорочна изложеност на прекумерно ниво на озон.
„Бројките нè потсетуваат дека загаденоста на воздухот сè уште е еколошки здравствен проблем број 1 во ЕУ“, рече Вирџинијус Синкевичиус, комесар за животна средина на ЕУ.
Лекарите велат дека загадувањето на воздухот е еден од најголемите убијци во светот, но и оти бројот на жртви брзо ќе се намали доколку земјите ги „исчистат“ своите економии. Помеѓу 2005 и 2021 година, бројот на смртни случаи од ПМ 2,5 честички во ЕУ се намалил за 41 отсто, а ЕУ има за цел да достигне намалување од 55 отсто до крајот на деценијата.
Светската здравствена организација, која во 2021 година ги заостри своите упатства за квалитетот на воздухот, предупредува дека ниту едно ниво на загаденост не може да се смета за безбедно, но постави горни граници за одредени загадувачи.
Европскиот парламент во септември гласаше за усогласување на правилата за квалитет на воздухот на ЕУ со оние на СЗО, но одлучи да го одложи тоа до 2035 година.
„Добрата вест е дека политиката за чист воздух функционира, а нашиот квалитет на воздухот се подобрува“, рече Синкевичиус.
Од хронична опструктивна белодробна болест, предизвикана од аерозагадувањето, во 2021 година е проценето дека се изгубени 150.000 години живот низ земјите-членки на ЕУ.
Процената открила и високи нивоа на страдање од астма, што претходно биле занемарени во статистиката за смртност.
Согорувањето на фосилните горива, возењето автомобили и одгледувањето добиток испуштаат големи количини на отровен гас и штетни честички кои луѓето потоа ги дишат. Најмалата од овие честички – ПМ 2,5 – може да навлезе во крвотокот од каде се шири низ телото и ги оштетува органите – од мозокот до репродуктивните органи.