Пет медали на светската Специјална Олимпијада за македонските репрезентативци

Пет медали на светската Специјална Олимпијада за македонските репрезентативци

Од македонската Специјална Олимпијада велат дека учеството на Светските Специјални Олимписки Игри покажало дека земјава има големи капацитети

Вкупно пет медали освоија македонските репрезентативци на Светските Специјални Олимписки Игри кои од 17 до 25 јуни се одржаа во Берлин, Германија. Земјава ја претставуваа 13 атлети од Специјална Олимпијада – Северна Македонија кои настапувале во пет дисциплини – кошарка, пливање, бадминтон, атлетика и пинг-понг.

Бронзени медали освоиле Марио Мицковски во дисциплината пливање, категорија „100 метри слободен стил“ и Јане Никодиновски во бадминтон.

Со сребрени медали од Специјалната Олимпијада се вратија Јулијана Петровска во атлетика, категорија „скок во далечина од место“ и Стефан Трпковски во пливање, категорија „100 метри грбно“.

Со злато, пак, се закити Агрон Хајредини во дисциплината атлетика, категорија „скок во далечина од место“.

Од македонската Специјална Олимпијада велат дека учеството на Светските Специјални Олимписки Игри покажало дека земјава има големи капацитети. Останатите атлети исто така постигнале одлични резултати.

„Докажавме дека можеме да се носиме и со најголемите светски сили, да победуваме и да освојуваме медали светска сцена. Задоволни сме дека достојно ја презентиравме македонската држава, а горди дека дури пет пати нашето државно знаме се вееше на пиедесталот во Берлин – успех кој не се случува ниту секој ден, ниту во некоја друга натпреварувачка категорија“, велат од Специјална Олимпијада – Северна Македонија.

Светските Специјални Олимписки Игри имаат за цел обединување на различни култури и нации на едно место, придонесувајќи за зголемување на степенот на инклузивност преку спортот.

Оваа година, на игрите настапија над 190 земји со 7.000 репрезентативци, поддржани од над 3.000 тренери и 20.000 волонтери. Атлетите се натпреваруваа на 26 различни дисциплини. За време на оваа манифестација, покрај учеството во натпревари, атлетите имале можност меѓусебно да се дружат, да се запознаат со голем број луѓе ширум светот, но и да ја демонстрираат моќта на подадената рака – со активна вклученост во различни сфери во општеството, како спортот, до стимулирање на развојот на лицата со интелектуална попреченост.

Прочитајте повеќе

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Архивата е преполна со предмети, а реновираните простории имаат поглед кон цело Скопје, како симболично …