Се смируваат тензиите на француските улици

Се смируваат тензиите на француските улици

Претседателот Макрон треба да се сретне со лидерите на двата дома на парламентот и со градоначалниците на 220 градови засегнати од протестите

Помалку од 160 лица се уапсени во текот на ноќта во немирите низ градовите во Франција по убиството на тинејџер од северноафриканско потекло од страна на полицаец, соопшти француското Министерство за внатрешни работи, а пренесе Ројтерс.

Релативната смиреност по петте тешки ноќи на немири и илјадници уапсени претставува олеснување за владата на претседателот Емануел Макрон во борбата да ја врати контролата врз ситуацијата, само неколку месеци по големите протести поради пензиските реформи и една година пред одржувањето на Олимписките игри во Париз.

Бројот на уапсени во текот на вчерашниот ден е далеку помал од 719-те уапсени во саботата и околу 1.300 приведени во петокот, пишува „Гардијан“.

Претседателот Макрон треба да се сретне со лидерите на двата дома на парламентот, а утре средба ќе одржи и со градоначалниците на 220 градови погодени од протестите.

Макрон требаше да отпатува во државна посета на Германија, но посетата била откажана поради тековната криза.

Во меѓувреме, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин соопшти дека 24-годишен пожарникар загинал додека гаснел пожар на подземен паркинг во париското предградие Сен Дени, откако неколку возила беа запалени вчеравечер.

„Гардијан“ го пренесува и апелот за смиреност на бабата на 17-годишниот Нахел што беше застрелан.

„Престанете со немирите, престанете да уништувате. Им го велам ова на оние кои бунтуваат: не кршете прозорци, не напаѓајте училишта и автобуси. Застанете“, порачала бабата по име Надија, додавајќи дека оние што протестираат го користеле нејзиниот внук како изговор.

До утрово, страницата на „GoFundMe“ за поддршка на полицаецот обвинет за убиството на Нахел собрала донации во износ од над 800.000 евра.

„Службата ја вршеше својата работа и сега плаќа висока цена за тоа“, пишува на страницата.

Од минатиот вторник се приведени повеќе од 3.000 лица, по масовното распоредување на 45.000 полицајци низ цела Франција.

Немирите се разгореа откако во предградие на Париз, поради тоа што не застанал со возилото за време на рутинска сообраќајна контрола, беше застрелан 17-годишниот Нахел М. со алжирско и мароканско потекло.

Полицаецот вклучен во престрелката, кој рекол дека пукал затоа што се плашел оти тој, неговиот колега или некој друг може да бидат удрени од автомобилот, е обвинет за доброволно убиство од небрежност и е ставен во привремен притвор.

Прочитајте повеќе

Камала Харис

Камала Харис објави извештај за нејзиното здравје, прашање е дали Трамп ќе го стори истото

„Накратко, потпретседателката Харис е во одлична здравствена состојба“, напиша во писмото доктор Џошуа Симонс Потпретседателката …