Од дваесетмината, еден бил грчки државјанин, а најавени се соодветни пријави по нивно документирање
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека во текот на изминатиот викенд биле преземени засилени мерки за време на одржувањето на музичка манифестација во Стар Дојран, со цел откривање на кривични дела и прекршоци од областа на недозволената трговија со дрога.
Викендов – од петокот до неделата – во Дојран по тринаесетти пат се одржа Д Фестивал со илјадници присутни лица.
Во полициските активности на фестивалот биле вклучени службеници од СВР Струмица и Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје.
Притоа, информираа од МВР, лишени биле од слобода дваесет лица кај кои при преглед била пронајдена разновидна дрога. Од дваесетмината, еден бил грчки државјанин.
За случаите бил известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а најавени се соодветни пријави по нивно документирање.
„Овие зајакнати контроли, покрај соодветно санкционирање на овој тип кривични дела, имаат за цел и превенирање на недозволената продажба и употреба на наркотични средства меѓу младите, како најчести посетители на ваков тип музички манифестации“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.