Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Прегледот на дезинформациите на најмасовната социјална мрежа во Северна Македонија, Фејсбук, покажува дека во 2023 година се следеле стриктно дел од руските дезинформациски наративи, а покрај тоа зголемeнa e и употребата на манипулирани видео содржини (deep fake), со цел да се поткопа угледот на украинското врвно раководство и да се деморализира населението. Преовладувачкииот вид на дезинформации се обидува вината да ја префрли врз некој друг, кој и да е, само да не биде Кремљ: „нацистичкиот и геноциден“ режим во Киев, НАТО и Западот како наводни причинители на војната (како НАТО да изврши агресија врз Украина), Украинците како марионети во прокси војна и одбрана на традиционалните вредности од страна на Русија, пишува Вистиномер.

Анализата ја пренесуваме во целост:

Во прегледот без посебно издвоен редослед ќе може да се прочитаат дезинформации според најчестите руски наративи, од крајот на годинава, па наназад кон почетокот на 2023:

Изменета видео и аудио содржина

Впечаток е, според бројот на објавени содржини, дека во 2023 г. е засилено користењето на изменети видео содржини (т.н. deep fake) за да се дезинформира за војната во Украина, што може да се должи и на развојот на алатките што ги нуди вештачката интелигенција. Овој вид на измами, во комбинација со класични дезинформации за врвните украински лидери имаат за цел уривање на нивниот углед, а со тоа и поткопување на моралот на украинските граѓани и војниците на фронтот. Истовремено, оној што ги шири има и споредна цел насочена кон меѓународната јавност – дека едната страна во конфликтот има целосно неодговорни и слаби лидери, додека другата управува одговорно со „праведната војна“ заради повисоки цели.

Во насока на подривање на моралот на украинските граѓани една од последните вакви манипулирани содржини беше онаа со Началникот на Генералштабот на Украинската Армија, генерал Валериј Залужни, а лагата се темели на зголемените гласови за кавга меѓу него и претседателот Володимир Зеленски околу начинот на водење на воените операции:

Зеленски е непријател на нашата држава. Поради него целосно потфрливме во контраофанзивата. Ги повикувам Украинците да излезат на плоштадите, а сите бранители на Украина да не ги слушаат криминалните наредби на нивните команданти. Веднаш распоредете го оружјето и влезете во Киев, вели дополнително намонтираниот гласот во видеото, додека на екранот се гледа Залужни како говори.

Во рецензијата на Вистиномер е утврдено дека станува збор за длабока лага во која не може да се биде сигурен ниту во точноста на ликот што се гледа во видеото, а ниту во неговите зборови што се слушаат, зашто такво нешто никогаш не било изговорено од генерал Залужни, што укажува дека станува збор за руски „производ“ наменет за манипулација.

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Во друга дигитално изменета аудио/видео содржина се тврди дека кога бил млад, претседателот Зеленски немал проблем со рускиот јазик и слободно си пеел на руски. Во рецензијата на Вистиномер се утврдува дека Зеленски не пее во видеото споделено на Фејсбук, а уште помалку пеел на руски, како што се тврди. Видеото е дигитално изменето и неговиот лик е вметнат на местото на украинскиот комичар Васил Бајдак.

На истата тема, исмевање за време на престојот на Зеленски во ООН, е и многу виралната измама со билбордот во Њујорк, на кој наместо „Слава на Украина“, наводно по грешка било напишано „Слава на Урината“. Карактеристично за оваа дигитално изменета содржина беше и фактот што на измамата наседнаа и голем број онлајн и традиционални медиуми во Македонија, што може да се види од рецензијата на „Вистиномер“.

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Кон подривање на моралот беше насочена и дезинформацијата дека Олена Зеленска, сопругата на претседателот за време на престојот во Њјорк купувала дијамантски накит во вредност од 1,1 милиони долари или пак онаа од пролетта, дека нејзината мајка поседувала луксузна вила во Египет .

Русија и Путин „ги бранат“ традиционалните вредности

Еден од постојаните наративи на Кремљ кога станува збор за војната во Украина е и тој дека Западната цивилизација со децении наназад има за цел да ја уништи Русија, меѓу другото и затоа што оваа земја била еден од последните браници на православното христијанство и сите други традиционални вредности, меѓу кои и бракот и сексуалната ориентација.

Таква дезинформација на социјалните мрежи беше рецензирана од Вистиномер, а во нејзе акцентот беше ставен врз религијата:

Русија е во војна со антирелигиозна цивилизација која се бори против Бога и ги уништува самите основи на духовните и моралните вредности: Бог, Црквата, семејството, родот и човекот, стои во објавата придружена со фотографија на која Русија е претставена како чадор кој ги чува луѓето од САД, ЕУ, НАТО, ЛГБТ заедницата и нацизмот.

Во август, исто така, беше лиферувана дезинформација во истата насока, но која започнува со тезата дека Русија е постојано под нападот глобалистите:

Агендата е уништување на Русија. Зошто?

Глобалистите сакаат да го заменат Путин, бидејќи тој претседава со последната голема сила во Европа која има национален идентитет, национален јазик, национална култура која почива на темелите на православното христијанство

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Русија сака да се наметне и да се претстави како главен светски бранител на традиционалното и религиското, а тоа можеше да се забележи и во говорот на Путин на два дена пред годишнината од руската агресија, кој уште еднаш нагласи дека станувало збор за „војна за заштита на нашите деца од деградација и дегенерација“. Вистиномер во друга своја анализа пишуваше за главните дезинфо-наративи во неговото обраќање пред руската и светска јавност, но во есента 2023 и може да се спореди дека суштински разлики нема.

Русија војува во Украина поради ширењето на НАТО

Меѓу најупотребуваните руски дезинформациски наративи е тој дека агресијата од 2022 година врз Украина е поврзана со опасноста од ширење на НАТО. Овој дезинфо наратив е поврзан и со една од целите на „специјалната воена операција“ што ги појасни Владимир Путин на 24 февруари 2022 г., поконкретно за „демилитаризација на Украина“.

Значи, причината за нападот врз Украина била и ширењето на НАТО и во тој контекст многу често се манипулира со кажувања од руски и проруски извори дека САД му ветиле на последниот лидер на Советскиот Сојуз  Михаил Горбачов дека НАТО нема да се шири на Исток. Токму ова се тврди во една од дезинформациите рецензирани од Вистиномер, во која е безрезервно утврдено дека:

Нема договор потпишан од САД, Европа и Русија дека НАТО нема да се проширува. Идејата дека НАТО ќе се прошири подалеку од Германија не беше на агендата во 1989 година, затоа што постоеше Варшавскиот пакт.

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 годинаВо истата рецензија е наведено и сведоштво од еден од директните актери, Михаил Горбачов:

Темата за експанзија на НАТО не беше дискутирана воопшто, ниту, пак, беше тема во тие години. Ова го тврдам со целосна одговорност. Ниту една земја од источна Европа не го покрена ова прашање дури и кога Варшавскиот пакт престана да постои во 1991. Западните лидери, исто така, не разговараа за ова, вели Горбачов, чие сведоштво е објавено и на сајтот на НАТО.

Вакви објави имаше постојано во 2023 година, како на пример овој дека прашањето за војна или мир било во рацете на НАТО, или, пак, оној дека Русија не е во војна со Украина, туку дека се брани од експанзионистичката политика на НАТО. Повиралните од овие дезинформации беа рецензирани од „Вистиномер“ во текот на цела 2023 г.

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Но, имаше и дезинформации кои припаѓаа во оваа категорија на наративот дека НАТО и Запад се причината за војната, а, сепак, толку бесмислени, при што се тврди дека Западот ги завел и Русите да војуваат. Ова може да се види од следната рецензија:

Излезете на улица против војната во Украина. Тие народи се наши братски, заведени од Западот да војуваат за нивна пропаст.

Украинците се марионети на Западот и гинат непотребно

Руски чест дезинформациски (под)наратив, кој следува во некаков си пакет на претходните два споменати, е дека НАТО и Запад се виновни за војната и дека во Украина се војува прокси војна во која Украинците се само марионети.

Типичен пример беше следнава дезинформација која е рецензирана од Вистиномер во мај, а во која се тврди:

НАТО може да се бори со Русија во Украина додека не остане еден последен Украинец во земјата или може да престане да ѝ дава оружје на Украина што би довело до брз колапс и капитулација. Од НАТО зависи колку ќе трае војната, а не од Зеленски!

Во друга рецензија со наслов Лажно се прикажува дека Украина е марионета… се дезинформира на следниот начин:

Моментот кога сфаќа дека е пуштен по вода и цела Украина.

Украина нема никогаш да стане членка на НАТО. Западот/НАТО сфати дека не можат да победат во војна против Русија. НАТО ја изгуби оваа војна, ЕУ ја изгуби оваа војна, а Зеленски и Украина изгубија најмногу.

Овој тип наративи се влече од минататa 2022 година, а еден од поспецифичните примери за тоа како кружат дезинформациите во кои Украинците се оценети како „топовско месо“, беше предмет на рецензија на „Вистиномер“.

„Нацистичка и геноцидна“ Украина

Друг тип чести дезинформации се поврзани со наводниот нацизам и наводната геноцидност на Украина, нејзиниот народ или раководството. Сите овие произлегуваат од уште една цел што ја соопшти Путин за т.н. специјална воена операција на 24.02.2022, а тоа е „денацификацијата“ на Украина. Приказната за наводен нацизам во Украина влече корени од Втората Светска Војна и тогашниот украински опозициски политичар Степан Бандера, како и од првичното водушевување од влезот на германските војски кај дел од Украинците што живелее во регонот на Галиција. Но, германската управа многу бргу покажала дека намерата и е чиста окупација на Украина која дотогаш била дел од Советскиот Сојуз (СССР). Сепак, дезинформациите што денес се шират на оваа тема „напреднале“ во креативноста, па се употребува секаква глупост макар и од најмал вид, како што е оваа за наводни нацистички поштенски марки:

Украина, на крај си го покажа нацистичкото лице. Исфрли (објави) поштенски марки со ликови на големите крвници, нацисти. Зар на ваква Украина се дава поддршка?

Рецензијата на Вистиномер покажа дека станува збор за спин, затоа што државата не стои зад издавањето на поштенските марки.

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

Најмногу шпекулации и дезинформации зад овој руски дезинфо наратив се градат околу трозабецот на грбот на Украина и значењето на овој симбол, па се вадат и стари фотографии каде покрај веењето на знаме со нацистичкиот симбол свастика, некој вее знаме со трозабец. Меѓутоа во оваа дезинформација не е само тоа споменато, туку и тврдењето дека украинскиот претседател Зеленски му бил внук на Адолф Хитлер. Сето ова беше разобличено во рецензијата на „Вистиномер“ под наслов „Трозабецот не е нацистички симбол, туку дел од украинската историја“.

Пет наративи на Кремљ во позадината на лавина дезинформации за Украина во 2023 година

„Геноцидноста“ на Зеленски, исто така, беше цел на дезинформациите, чии автори го ползуваат дури и конфликтот во Газа, со теза дека оние што го поддржувале тероризирањето на украинскиот режим во Донбас, сега треба да останат доследни и да ја поддржат израелската операција во Газа. Но, креативноста во дезинформациите нема граници, па за да се докаже постоењето на „укронацисти“  во овој пример се ползуваат и односите меѓу С. Македонија и Бугарија:

Прво, Русија не го негира украински идентитет ниту самобитност, туку едноставно со воената операција го заштитува руското малцинство во Украина од репресијата и геноцидот што го спроведуваа неолибералините квинслизи инсталирани во Украина. Ако воопшто се прави паралела на нашата ситуација со украинската, тогаш ние Македонците ја имаме улогата на руското малцинство во Украина, а Бугарите улогата на Укронацистите.

Ваквите недоветни и бесмислени споредби служат само и понатаму да ги влошат односите меѓу С. Македонија и Бугарија, а со тоа и да ја оддалечат земјата од Европската унија. Прашањето на проруското население во Украина и причините за неговите сепаратистички пориви немаат никаква врска со односите меѓу С. Македонија и Бугарија. Во украинскиот случај станува збор интерно прашање на една држава, додека во случајот со С. Македонија и Бугарија за две независни и меѓународно признати држави. Внатрешните односи во рамките на една држава и дипломатските односи меѓу две држави се сосема различни прашања. Да не говориме, пак, за проблематичната употреба на синтагмата „руско малцинство“ во Украина. Не станува збор за „руско малцинство“ во контекст и во смисла во која ние тоа го сфаќаме овде на Балканот. Речиси сите Украинци зборуваат руски, покрај украинскиот јазик. На најголем дел од нив рускиот јазик им е прв јазик, односно јазик кој најчесто го користат (така, барем, беше пред војната). Но, и покрај тоа, поголем дел од таквите Украинци кои говорат руски како прв јазик, се одлучија да застанат на страна на државата Украина и да ја бранат од рускиот агресор. Сето ова покажува дека состојбите и соодносите во Украина се сосема различни со оние на Балканот. И тоа особено кога станува збор за односите меѓу С. Македонија и Бугарија, каде што било какви компарации со Украина и Русија би биле комплетно несоодветни и крајно бесмислени.

Ова беше преглед на само селектиран дел од дезинформациите за Украина базирани врз пет руски дезинфо наративи, а кои циркулираа во интернет просторот на македонски јазик и кои беа предмет на рецензии на „Вистиномер“ во 2023 година.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …