Планот на Мелони за испраќање мигранти во Албанија - решение или нов проблем за ЕУ?

Планот на Мелони за испраќање мигранти во Албанија – решение или нов проблем за ЕУ?

Италијанската премиерка Џорџa Мелони го претстави планот за изградба на прифатни центри во Албанија во кои ќе се испраќаат мигранти кои ги преземала крајбрежната стража или морнарицата на оваа земја. Планираниот капацитет на центрите е 3000 луѓе дневно и да обработуваат 36 000 барања на баратели на азил годишно.

Сепак, критичарите во Италија тврдат дека овој план е неостварлив и потенцијално незаконски, пишуваат светските медиуми.

Правни пречки

Најавувајќи го планот за управување со приливот на мигранти во Европа на прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, италијанката премиерка Џорџа Мелони рече дека ќе бара барањата за престој во Италија да се обработат во рок од 28 дена, а мигрантите на кои ќе им бидат обиени барањата за азил, ќе бидат депортирани.

Мелони дојде на власт во Италија минатата година благодарение на ветувањата дека ќе го запре приливот на мигранти и е под голем притисок да најде решение за кризата, пишува Тајмс. На пример, 145 000 нови мигранти влегле во Италија само во 2023 година, во споредба со 88 000 во 2022 година.

Опозициските политичари и адвокатите за правата на мигрантите изразија сомнеж за планот за решавање на кризата.

Неодамнешниот декрет издаден од владата на Мелони дозволува мигрантите да бидат притворени 28 дена, но ова се однесува само на мигрантите од земји кои се сметаат за безбедни, како што се Тунис или Нигерија. Прво, тие го критикуваа планот барањата за азил да се обработуваат во рок од 28 дена.

„Сега е тешко да се спроведе целиот процес за шест месеци, така што 28 дена звучат невозможно“, вели Пјетро Пусторино, професор по меѓународно право на Универзитетот Луис во Рим.

Гвидо Савио, адвокат за миграција, за „Тајмс“ рече дека италијанскиот закон бара мигрантите да имаат пристап до адвокати и преведувачи и дека случаите за азил мора да ги решаваат судиите. Савио прашува дали Албанија може да ги гарантира сите овие услови.

Лука Масера, професор по кривично право на Универзитетот во Бреша, изрази уште една загриженост.

„Мигрантите чие барање за азил е одбиено имаат право на жалба. Што ќе се случи ако нивниот адвокат е во Италија? Двата центри планирани за Албанија ќе бидат финансирани од Италија и ќе потпаднат под италијанска јурисдикција. Што ќе се случи ако избега мигрант? “, праша Масера.

Британски „Гардијан“ ги цитира зборовите на левичарскиот опозициски политичар Рикардо Маги, кој рече дека ова е „еден вид италијански Гвантанамо“, надвор од секој меѓународен стандард и „надвор од ЕУ без можност за следење на статусот на луѓето кои се затворени во овие центри“.

„Италија не може да ги транспортира луѓето спасени на море во земја што не е членка на ЕУ како да се пакети или стоки“, пишува Гардијан.

Други експерти прашаа што ќе се случи со мигрантите на кои им е одбиен азил, но не можат да бидат вратени.

Италија има договори за репатријација со земји како Тунис, Алжир, Египет и Мароко, но успеа да депортира само 3 960 мигранти оваа година, пишува Тајмс.

Италија ќе мора да внимава и каде ги пресретнува мигрантите на море. Портпаролот на Европската Комисија изјави дека мигрантите кои се превземени од меѓународни води со италијански чамци и бродови може да бидат однесени во област надвор од Европската Унија, но, спасените во италијанските води мора да бидат однесени во Италија.

Прашања од Брисел

Премиерот Мелони го опиша планот како „европски договор“ и „иновативно решение“ кое има за цел да го ограничи зголемувањето на илегалните премини во Медитеранот, пишува Фајненшл тајмс.

Европската Комисија соопшти дека е запознаена со планот, но сѐ уште не ги добила сите детали.

„Важно е секој сличен договор целосно да ги почитува законите на ЕУ и меѓународното право“, соопшти Европската Комисија.

Брисел во минатото се прашуваше дали шемите што предвидуваат процесирање на баратели на азил во земји кои не се членки на ЕУ се во согласност со меѓународните правила кои пропишуваат дека луѓето кои бараат заштита во друга земја, не можат да бидат испратени без претходно да се слушнат нивните барања.

Мелони во неколку наврати ја истакнуваше идејата за изградба на прифатни центри надвор од италијанските, па дури и европските граници, сугерирајќи дека тие би можеле да бидат поставени во Северна Африка.

„Изградбата на два објекти за мигранти, каде што ќе се применува италијанската јурисдикција, целосно ќе биде финансирана од државата Италија“, рече таа.

Мигрантите спасени на море од италијанската крајбрежна стража ќе се симнат во пристаништето Шенѓин, во северна Албанија. Најпрво би биле сместени во прифатен центар каде би биле регистрирани и каде би можеле да аплицираат за азил во Италија. Ќе се изгради и прифатен објект на 20 километри од брегот, во градот Ѓадер, додека патролите во двата центри би ги вршеле албанските полицајци.

Интересот на Албанија?

Албанија во понеделникот (6-ти ноември) се согласи да обезбеди привремено засолниште за илјадници мигранти кои ќе стигнат до бреговите на Италија додека се обработуваат нивните барања за азил. Ова би било олеснување за Италија и би помогнало во управувањето со зголемениот прилив на мигранти кои го преминуваат морето.

„Ако се јави Италија, Албанија одговара. Не зависи од нас да судиме за политичката вредност на одлуките донесени во оваа и во другите институции. Наша должност е да подадеме рака на помош“, рече албанскиот премиер Еди Рама, а пренесе Асошиејтед прес (АП).

Италија бараше поголема солидарност, главно залудно, од другите земји-членки на ЕУ за да помогне во справувањето со големиот број пристигнувања на мигранти. Во понеделникот таа се сврте кон Албанија, која пак се надева на членство во ЕУ.

Мелони изрази благодарност до Рама за понудената помош, велејќи дека „Албанија не е само пријател на Италија, туку и пријател на Европската Унија“.

Албанскиот премиер, од своја страна, изрази благодарност во името на Албанците кои најдоа засолниште во Италија и „избегаа од пеколот сонувајќи за подобар живот“.

Тој коментар се однесуваше на големиот егзодус на Албанците во Италија на почетокот на 1990-тите. Албанија беше затворена за голем дел од светот со децении, сиромаштијата беше широко распространета под диктатурата на Енвер Хоџа. Во тоа време, многу Албанци ја гледаа Италија како „прозорец кон запад“.

Со овој потег, Италија и „дава ветер во грб“ на Албанија за членство во Европската Унија.

Мигрантските политики на десницата

Пред да стане премиер, Мелони рече дека Италија треба „да ги врати мигрантите со тоа што ќе ги врати назад во нивните земји и потоа да ги потопи бродовите што ги спасуваа“, се сеќава „Политико“.

Додека илјадници мигранти кои не се членки на ЕУ продолжуваат да го пробиваат својот пат кон Европа, екстремно десничарските партии во Германија и Шпанија повикаа блокот да го заостри својот став кон миграцијата. Некои партии забележаа и зголемување на поддршката во анкетите на јавното мислење токму поради антимиграциските кампањи, пишува Политико.

Во јули, Европската Комисија му понуди пари на Тунис за да ги запре миграциските канали од Северна Африка кон Европа, но Тунис не ја прифати понудата, велејќи дека обезбедениот буџет е недоволен.

Договорот меѓу Италија и Албанија е прв од ваков вид постигнат меѓу земја-членка и земја надвор од ЕУ, слично на планот на Обединетото Кралство за испраќање баратели на азил во Руанда, кој беше суспендиран откако судот го прогласи за незаконски.

Центрите во Албанија би биле управувани според законите на Италија и градени на сметка на Италија. Се очекува да се отвори во пролетта 2024 година. Децата, бремените жени и „загрозените лица“ нема да бидат испратени во центрите во Албанија, но нивните апликации ќе бидат обработени во Италија, објасни Мелони.

На почетокот на годината, Мелони ја повика ЕУ да помогне во поморската блокада за да се запрат премините на мигранти во Средоземното Море.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Блинкен наведува подобрување на помошта во Газа, вели Израел мора да направи повеќе

Блинкен наведува подобрување на помошта во Газа, вели Израел мора да направи повеќе

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека има подобрувања во доставувањето хуманитарна помош во Газа, …