По трагедијата во Белград, МОН ќе ја враќа воспитната компонента во училиштата

По трагедијата во Белград, МОН ќе ја враќа воспитната компонента во училиштата

Младите денес растат во поинакви околности за разлика од минатото и новите времиња носат поволности, нови достапни можности, но и многу нови фактори кои негативно би можеле да се одразат на однесувањето на децата и да доведат до ситуации со несакани последици, велат од МОН.

Психолози, педагози, експерти за безбедност и сајбер насилство утре ќе се состанат во Министерството за образование и наука (МОН), по што ќе дадат препораки и заклучоци за тоа, што треба да се менува и подобрува во образовниот систем, соопштија оттаму. Ова следува по вчерашната трагедија во Белград, во која седмоодделенец уби деветмина и рани негови соученици од училиштето во кое учи. Откако ќе заврши средбата на експертите, ќе бидат соопштени заклучоците, односно препораките кои ќе треба да ја подигнат институционалната грижа за правилен раст и развој на младите.

„Случувањата во нашето соседство вклучија сериозен аларм дека институционалната, семејната и индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво. Согласно своите надлежности, веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата“, наведено е во соопштението на МОН.

Оттаму потенцираат дека младите денес растат во поинакви околности за разлика од минатото и дека новите времиња носат поволности, нови достапни можности, но и многу нови фактори кои негативно би можеле да се одразат на однесувањето на децата и да доведат до ситуации со несакани последици.

„Бројни законски решенија, проектни мерки и активности досега се спроведени во оваа насока. Континуирано се зајакнуваат стручните психолошко – педагошки служби во училиштата, се спроведува советување на ученици и на родители на ученици со проблеми во однесувањето од различна природа. Се имплементираат проекти за заштита од насилство заедно со општествено одговорни компании и со меѓународни организации. Овојпат очекуваме поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор, бизнис заедницата и меѓународните партнери, кои и досега имаат важен придонес во напорите за заштита на правата на децата, за заштита на физичкото и менталното здравје, спречувањето на врсничко и неврсничко насилство“, наведено е во соопштението.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

полиција полицајци

Двајца полицајци се сомничат дека примиле поткуп за да не констатираат сообраќаен прекршок

Тие се сомничат дека на 04.07.2024 околу 23.00 часот на ул.„Даме Груев“ во Скопје, при …