Политиката се врати

Политиката се врати

Политиката се врати во корона кризата со гамбит одигран од СДСМ. Иницијативата за свикување на Собранието изгледа повеќе како потег за расчистување на политичката сцена отколку за стекнување на опиплива предност.

Привременото примирје заврши. Политичарите полека се раздвижија во рововите, во кои беа  залегнати во овие два месеци додека нацијата во страв следеше како тече војната против коронавирусот, не само овде туку и во целиот свет. За време на оваа политичка хибернација, партиските генерали испраќаа групи извидници да испитаат што се случува кај непријателските линии и тоа главно беше спорадична размена на оган. Со исфрлање по некоја граната.

Некому му изгледа неочекувано, некому изнасилено, некому бесмислено, некому исправно барањето на 35 пратеници да се активира распуштеното Собрание за да ја потврди одлуката на претседателот Стево Пендаровски за прогласување на вонредна состојба. Но, и да расправа за уредбите на Владата, со кои можеби се кршат одредени права и слободи на граѓаните.

Расправата која во неколку одредени мигови стана поважна од дневниот извештај за новоинфицираните, хоспитализираните, излечените и умрените лица на свој начин потврди дека политиката не сака подолго време да остане под површината на настаните. И дека, колку тоа и да звучи грубо, политичарите сакаат рефлекторите на сцената повторно да бидат насочени кон нив, а не кон здравствените професионалци, на кои сега најмногу им веруваат граѓаните. Нема тука ништо нелогично. Олеснувањето на рестрикциите не важи само за движењето на луѓето, тоа им ја подотвора вратата и на политичарите.

Јавноста сѐ уште се мачи да дознае кој зајак и од чија нива со луцерка треба да се избрка со иницијативата за повторно свикување на Собранието. Но изгледа дека не е само јавноста што не знае што се случува, туку и голем дел од политичарите се обидуваат на некој начин да ги фатат конците на настаните. Доколку тие не се намерно растрагани од фрленото клопче. Да не навлегуваме во правничките објаснувања дали може или не може да се состане распуштениот парламент, да го видиме политичкиот контекст.

Главното прашање е зошто изгледа дека одредени политички групации одат против своите интереси кога е во прашање повторното свикување на парламентот. Објаснувањата може да изгледаат нелогични, но можеби и има систем во тоа. Прво, која е политичката корист на СДСМ да бара пратениците да се вратат во клупите? Дали со тоа изборите може да се одржат не наесен, туку некаде пред почетокот на летото? Ако СДСМ ги зема за важни репери двете анкети на двата независни американски институти направени пред почетокот на корона кризата – на ИРИ и НДИ – во кои тој има мала предност, социјалдемократите би сакале изборите да се одржат што е можно побрзо пред економската рецесија, што неизбежно ќе следи (како и во сите земји до една во Европа), да не биде главна тема во некоја подоцнежна кампања. Доколку Собранието продолжи со работа тогаш сите изборни рокови паѓаат во вода, ќе треба да се одредуваат нови. Во овој момент важат само изборните листи доставени до ДИК и распоредот на ливчето.

Кога владата ја донесе Уредбата за одложување на изборите во неа стоеше дека изборните дејствија ќе продолжат по укинувањето на вонредната состојба. Прашањето е колку претседателот Пендаровски ќе сака уште да ја продолжува вонредната состојба, особено ако интензитетот на епидемијата се намали. И особено поради тоа што последниот пат тој го повика парламентот да се состане и да ги преземе работите во свои раце, а не сѐ да му се остави во неговиот двор, а партиите да си водат политичка битка на терен исчистен од друг. Доколку Пендаровски одбие да донесе нова одлука за вонредна состојба, тогаш работите неминовно би оделе кон избори на крајот од јуни.

Во оваа политичка игра на СДСМ му успеа да прочисти дел од теренот – на другата страна од брегот се само ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, без оглед од кои причини останале таму. Тоа е непријатна ситуација за ДУИ, затоа што ќе се вратат сеќавањата околу одземањето на имунитетот на Трајко Вељаноски и тактизирањето до последен момент за Законот за јавното обвинителство. Тоа е лизгав терен за ДУИ, без оглед на објаснувањата дека за нив во овој момент била најважна борбата против коронавирусот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ самата се стави во нерешлива ситуација. Големо прашање е зошто опозицијата не би сакала да ја искористи собраниската говорница за критикување на мерките на Владата и здравствените власти во борбата со коронавирусот, наместо да испраќаат по неколку соопштенија на ден кои веќе речиси никој не ги пренесува. А во нив да изнесуваат тврдења кои малку резонираат со расположението на јавноста (анкетата на емисијата „Детектор“, која покажа поддршка од 82 отсто за Венко Филипче, најдобро го отсликува тоа). Во времето кога населението седи дома повторното свикување на парламентот би им дало можност за подобро калибрирање на ставовите преку преносите на телевизија и да се обиде да поврати дел од наративот. Но, ВМРО-ДПМНЕ не сака да го калибрира тој наратив преку парламентот.

Извор: DW

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

„Гордата Гордана“ не можела да му се спротивстави на Мицкоски

„Гордата Гордана“ не можела да му се спротивстави на Мицкоски

Сиљановска-Давкова е претседателски кандидат, а за неколку дена ќе се знае дали ќе биде идниот …