Експертите и познавачите на политичките прашања ја гледаат како позитивна ненадејната промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени. Подеднакво изненадувачка беше и реакцијата на ДУИ која веќе 20 години е на власт, пишува Порталб.мк во својата анализа
Експертите и познавачите на политичките прашања ја гледаат како позитивна ненадејната промена на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, за кои во изминатиот период оваа партија спроведуваше остра, националистичка и популистичка кампања за асимилација и бугаризација на Македонците и истата ја искажа и преку протести на улиците. Партијата беше до тој степен против, што ги принуди своите пратеници да потпишат заверени изјави на нотар со кои тие потврдуваа дека нема да гласаат за уставните измени.
Но, тоа се смени откако премиерот Димитар Ковачевски на средбата на 7 мај со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, понуди формирање на една проширена техничка влада, а со услов опозицијата претходно да ги изгласа уставните измени. Овој услов бил прифатлив за ВМРО, но оваа партија поставила еден дополнителен услов – новата влада да биде без ДУИ. Подеднакво изненадувачка беше и реакцијата на ДУИ која веќе 20 години е на власт. Како никогаш досега, ДУИ јавно се согласи да ја „исполни“ оваа желба на ВМРО за да не го блокира процесот за членство на РСМ во ЕУ. Според експертите, за ова ДУИ ќе биде наградена, пишува Порталб.мк.
Директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, нагласува дека изјавите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се пријатно, позитивно изненадување кое дава надеж. Меѓутоа, за да ја оправда оваа одлука пред својот електорат, тој очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе употребува националистичка реторика.
„Сè што го деблокира патот на Северна Македонија кон ЕУ е позитивно и дава надеж. Пријатно изненадување беше изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека неговата партија не е против уставните измени, особено по целата таа кампања полна со разни приговори и условувања. Само се надевам дека нема да имa дополнителни сопки од оваа партија. Уште поизненадувачка, но многу одговорна беше одлуката на ДУИ, според која тие нема да бидат пречката и ќе ја напуштат владата, ако тоа е условот за да се деблокира целиот процес. Очекувам кампања на ВМРО со која ќе им ја објасни оваа одлука на нејзиниот електорат, а за жал, и националистичка реторика.
Другите партии, како Левица, ќе се обидат да го искористат ова за да ги мобилизираат радикалните националистички гласачи, нешто е многу разочарувачко бидејќи и по толку години има партии и гласачи кај кои што се уште „пали“ овој дискурс. ДУИ ќе има време да ги смири и да ги организира своите редови и да се подготви за парламентарните избори. СДСМ ја има тешката задача да ги истурка процесите внатре во институциите и во исто време да се подготви за избори“, вели Јашари.
Тој не верува дека изборите ќе се одржат годинава.
„Како земја нè очекува период полн со предизвици, но сите мораме да се потрудиме максимално да не ја пропуштиме оваа шанса и конечно да ги започнеме преговорите со ЕУ и да ги забрзаме реформите во земјата. Без празни изјави и ветувања, туку со конкретна работа“, додаде Јашари.
Исмет Рамадани, политички аналитичар, го цени пристапот на премиерот Димитар Ковачевски, но за Мицкоски вели дека покажал дека кога е во прашање власта, без многу размислување се согласил да биде дел од неа. Рамадани смета дека Мицкоски не очекувал еден ваков галантен предлог од премиерот за поделба на ресорите и неговото прифаќање да влезе во Владата ќе го ослободи размислувањето на македонските граѓани од популистичкото заробеништво, кое Мицкоски го пласираше со месеци глумејќи дека оваа Влада ги продала македонските интереси.
„Некои од граѓаните дефинитивно сфатија дека сета таа вмровска пропаганда со популистичка политика за создавање на едно мислење, дека за нив е многу значаен македонски идентитет и јазик, сега кога е во прашање власта, води кон заклучокот дека власта е пред сè друго. Но, како и да е, добро е тоа што и да продолжи одбивањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ, меѓународниот фактор сега има уште еден аргумент плус дека Владата е подготвена да преговара, да даде и нешто што ѝ припаѓа“, вели Рамадани.
И за него ова била многу неочекувана одлука, но многу интересна и многу позитивно коментирана – изјавата на ДУИ, дека се подготвени да одат во опозиција само за да се спроведат уставните измени и да се отвори конкретниот пат за отворање на поглавјата, кои, според него, на некој начин даваат реални можности за членство во ЕУ.
Професорот Нано Ружин ја цени позитивната енергија меѓу власта и опозицијата и нагласува дека, сепак, преовладувал општиот интерес и вредности на државата за влез во ЕУ.
„Секако дека е постигнат консензус по многу услови, има позитивна енергија меѓу двете политички партии и меѓу пратениците дека проблемот конечно ќе се реши и ова е голем успех за свесноста, би рекол, на политичките актери во оваа земја. Сите очекуваат дека ова прашање наскоро ќе ја одведе Македонија кон Европската Унија. За некого ова може е големо изненадување, но во секој случај, мислам дека преовлада општиот интерес и општите вредности на државата, а тоа е влезот во ЕУ. Така што најважните услови на Мицкоски беа прифатени од Ковачевски. Мислам дека е ирелевантно да се зборува за други услови. Но, во секој случај, сега можеме мирно да ги следиме наредните политички денови и јавноста пред сè да биде соодветно информирана. Што значи тоа, дека сомнежите за некакво бугаризирање добиваат поинаков правец и посилно се истакнува важноста на понатамошниот пат кон ЕУ“, вели Ружин.
ДУИ ќе биде наградена: Ја „изненади“ ВМРО-ДПМНЕ
Директорот на невладината организација „Демокраси Лаб“, Сефер Селими, исто така мисли дека лидерската средба дала позитивни сигнали дека работите се движат во правец на реализација на уставните измени. Тој очекува дека средба ќе го помести ВМРО од првичните позиции, бидејќи партијата до неодамна имаше цврст став за негласање на уставните измени, додека сега веќе се дискутира за форми и начини и за компромиси кои би требало да се постигнат за да се дојде до овие уставни измени.
„Ова е позитивен сигнал, што дава надеж, верувам дека работите се движат кон уставните измени, иако ова нема да биде лесно, ќе има, да речеме политичка гимнастика од сите страни додека не се постигне еден компромис меѓу сите политички актери во земјава и да се стигне до деблокирање на патот на интеграцијата во ЕУ. Ќе биде тешко, ќе биде доста предизвикувачки, но доколку има волја, ќе има договор. Има еден последен временски рок и тоа треба да се совпадне и со средбата на Советот на Европа каде што треба да се постигне заклучок дека уставните измени се направени и да се отвори пат за меѓувладината средба меѓу Европската Комисија и Северна Македонија, што ќе значи отворање на првиот кластер и отпочнување на преговорите со ЕУ. Ќе треба да видиме, како што реков ќе има многу политички гимнастики, кревање на тензии, нови барања, тактизирање од сите страни, каде што секоја страна ќе гледа да го извади максимумот во поглед на нејзиниот партиски интерес и затоа јас предвидувам дека ова нема да биде лесно, но не дека нема да биде управливо“, смета Селими.
Што се однесува на ДУИ, Селими смета и дека нивната одлука за отстапување од Владата, била многу погоден и умерен потег, и потег што ќе биде награда за ДУИ изненадувајќи ги и самите ВМРО кои бараа да најдат причина за негласање на овие уставни измени или евентуално да го придвижат пазарот во преговорите за да добијат нешто во замена за гласањето.
„Ова прво ја става во незгодна позиција самата ВМРО-ДПМНЕ, а од друга страна секако дека е еден умерен компромис направен од ДУИ отежнувајќи им ја позицијата за евентуално негласање на уставните измени. Сега останува да видиме дали ВМРО навистина има за цел и е одлучна за да се постигне стратешката цел за интеграција во ЕУ или не, и ова ќе се докаже доколку ја прифати оваа понуда и ќе стане дел од широка влада која ќе ги реализира уставните измени“, истакнува Селими.
ВМРО-ДПМНЕ ѝ овозможи на ДУИ да покаже галантност и за ова да биде наградена, вели извршниот директор на Еуротинк, Димитар Николовски.
„Тешко ми е да ја сфатам потребата на ВМРО-ДПМНЕ за отстранување на ДУИ од владината коалиција во толку краток период пред изборите, бидејќи стратешки не добиваат ништо. Тие ѝ дадоа на ДУИ совршена можност да покаже галантност, која овие ја истористија. Но, оваа „галантност“ оди во прилог само на ДУИ, која би излегла од изборите со многу поголема поддршка токму поради нивното отстапување од владата за да се реализираат уставните измени, додека би имале и повеќе меѓународна поддршка“, смета Николовски.
Според него, и покрај немањето договор, лидерската средба имала некаков успех – отворила повеќе можности за преговори и пазарења.
„Може да биде иронично, но во овој актуелен хаос на можни резултати се зголемуваат и шансите за компромис. Меѓутоа, не треба да се заборави дека не треба да се премине одредениот временски рок во заклучоците на ЕУ, кој бара уставните измени да бидат во сила за да може да се започне втората меѓувладина конференција. Од овој аспект, барањата на ВМРО се неразумни, но ќе повторам уште еднаш дека има простор за преговори и можност за постигнување на поволно решение“, вели Николовски.
Инаку, на средбата, Ковачевски му предложил на Мицкоски да се изгласаат уставните измени, а потоа да се формира влада, во која од 10 ресори кои во моментов ги менаџира СДСМ, пет да му се отстапат на ВМРО и оваа влада да ги спреми парламентарните избори. За Мицкоски ова е прифатливо, доколку ДУИ не би била во владата. ДУИ преку јавна реакција прифати да излезе од владата, доколку опозицијата ги гласа уставните измени, иако сè уште не е јасно доколку излезат од влада, што ќе биде со главното ветување од претходните избори – првиот премиер Албанец, за кој ветиле дека ќе го реализираат.
Мицкоски побара од европските институции да го гарантираат македонскиот идентитет, да изработат еден економски пакет за македонските граѓани и стопанства, како и гаранции дека Бугарија ќе ги применува одлуките на Европскиот суд за човекови права, кои се во врска со правата на Македонците во Бугарија.
Северна Македонија по 17 години на 19 јули 2022 година, ги почна преговорите за пристап во ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција.
Меѓутоа, преговорите нема да почнат сè додека не се реализираат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, кои за гласање во Собранието бараат двотретинско мнозинство на пратениците, што владата ги нема, па затоа потребна е поддршка од македонската опозиција, која до одржувањето на лидерската средба имаше бетониран став дека нема гласаат за измена на Уставот.
Доколку не се реализираат уставните измени до ноември оваа година, евроинтеграцискиот процес на РСМ ризикува повторно да биде блокиран.
Извор: МЕТА