Во извештајот на ММФ се предвидува дека поплавите и шумските пожари ќе станат почести и екстремни бидејќи климатските промени ги менуваат температурите и климатските модели, известува Порталб.мк
Северна Македонија врши евалуација на заканите по безбедноста на Републиката од сите ризици и штети, одговорија од Центарот за управување со кризи на прашањата на Порталб.мк околу тоа дали се преземаат мерки за предупредувањата на Меѓународниот монетарен фонд, според кои земјата е изложена на климатски промени и природни опасности кои претставуваат значителен ризик за јавната безбедност и јавната инфраструктура. Во извештајот на ММФ се предвидува дека поплавите и шумските пожари ќе станат почести и екстремни бидејќи климатските промени ги менуваат температурите и климатските модели, известува Порталб.мк.
„Евалуацијата е еден стратешки документ кој е во функција на планирањето и организирањето на системот за управување со кризи, помага во процесот на одлучување од страна на надлежните носители на функции и одговорности, на национално и локално ниво, ја поддржува комуникацијата, координацијата, соработката, партнерството, односите и користењето на ресурсите заради превенција, рано предупредување и справување со сите ризици кои можат да го загрозат животот и здравјето на луѓето, материјалните и природните ресурси, како и општата безбедност на Република Северна Македонија, општините и на Град Скопје“, велат од ЦУК.
Од овој Центар додаваат дека поради преземање на мерки и активности за превенција и справување со ризиците, сите учесници во системот за управување со кризи согласно другите закони и прописи се должни да обезбедат континуирана комуникација, координација и меѓусебна постојана соработка за собирање на податоци и информации, нивна анализа, дистрибуција и информирање за ризиците кои можат да ја загрозат безбедноста.
„Евалуацијата на ризикот се врши преку планиран, организиран, соодветен и методолошки воспоставен процес во рамките на системот за управување со кризи, преку кој Центарот дошол до одредени сознанија, ставови, судови и заклучоци за состојбите и трендовите на појавите кои претставуваат ризици и штети по животот, здравјето и имотот на граѓаните, природните, материјалните и културните добра и безбедноста на државата и единиците на локалната самоуправа (општините и Градот Скопје). Во текот на процесот на евалуација направено е: идентификување на ризиците и нивно рангирање (приоритизација); предвидување на елементите кои можат да бидат изложени на ризик (изложеност) и нивните слабости (ранливост); истражување на идентификуваните ризици (собирање податоци и информации за нив, нивна анализа и евалуација и контролни мерки); и документација на состојбата“, велат од ЦУК.
За изработка на Евалуацијата се додава дека се користени податоците од институциите вклучени во процесот на анализа на евалуацијата, податоците со кои располага Центарот за управување со кризи собрани во соодветните бази на податоци, податоците и студиите достапни од институциите, како и други релевантни извори.
Во процесот на анализата за изработка на Евалуацијата се користат и податоците од другите субјекти во системот со меѓусебен контакт.
Покрај националните податоци, овие податоци ги користат и меѓународните институции и претставништвата на Македонија преку контакти и достапните отворени податоци.
Размената на податоците се врши редовно, преку комуникација и континуирана евалуација на податоците и во согласност со Уредбата за видот на податоците и информациите и за начинот и постапката на нивно доставување до Центарот за управување со кризи. Класифицираните информации се пренесуваат во согласност со Законот за класифицирани информации.
Што се однесува до извештајот на ММФ, од Центарот за управување со кризи велат дека активно и континуирано учествуваат во вакви и слични активности со свои претставници и во согласност со законските овластувања при подготовка на овие извештаи од страна на ММФ.
Извештајот на ММФ, кој беше објавен во јануари оваа година, предвидува дека секоја наредна деценија Северна Македонија може да се соочува со поплави потенцијално опасни по живот.
Северна Македонија, се вели во Извештајот, е изложена на климатски промени и природни опасности кои се очекува да претставуваат поголем ризик во иднина.
„Евалуацијата на природните опасности во земјата покажува висок ризик од поплави од реките, урбани поплави, лизгање на земјиштето и пожари. Потенцијално штетни и опасни по живот речни и урбани поплави се очекува да се случат барем еднаш во следните 10 години. Областа има модели на врнежи, косина на теренот, геологија, почва, земјишна покривка и (потенцијално) земјотреси што го зголемуваат ризикот од локализирани свлечишта“, се вели во извештајот.
Во текот на една година, постои веројатност поголема од 50 проценти за доживување на временски услови кои би можеле да поддржат голем пожар, кој може да резултира со загуба на животи и оштетување на имоти. Иако екстремната топлина досега претставуваше само умерен ризик, веројатноста дека ќе се случи барем еден подолг период на изложеност на екстремна топлина во следните пет години е поголема од 25 проценти. Идните зголемувања на температурата и промените во моделите на врнежите поради климатските промени може дополнително да ја зголемат веројатноста за природни опасности, се вели меѓу другото во извештајот.
Извор: МЕТА