Празнотија

Празнотија

Пишува: Сотир Габелоски

Овде е празно. Празно како во некоја нажалена душа, напатена и испразнета од поминати маки. Празно е, а македонската внатрешност е трула. Мислевме дека иструлила целосно, но се покажува дека, од ден во ден, може дополнително да скапува. И тоа не е крајот, скапувањето не завршува тука. Да се чудиш.

Се’ е плитко. Толку плитко што на површина излегува секој политички измет. Се’ е од денес за утре. Инстант добивка на поединци на штета на мнозинството граѓани, по цена на лични дискредитации и злоупотреба на јавен простор.

И додека сето ова се случува, демократскиот капацитет се намалува а дебатата се потиснува, од причина што оние кои треба да ги подобрат, едноставно не ги практикуваат. Така се губи слободната мисла и капацитетот за расудување помеѓу доброто и злото, вистината и лагата, а граѓаните стануваат се’ поподложни на манипулации.

Различното мислење се доживува како лична закана, а се дискредитира со навреда и понижување. Такво однесување наложија партиите, со што го загушија просторот. Останавме да се јадеме меѓу себе и да се надмудруваме на секоја тема. Останавме самци меѓу толку многу луѓе, оти секоја дискусија ја сведовме на лично ниво.

Сето тоа како да им оди во прилог на партиите, кои со своето однесување работат во корист на сопствената штета: предизвикаа опасност и сериозно ги загрозија нивните идни изборни резултати, а поттикнаа создавање на партии со радикални ставови, кои претставуваат сериозна закана во намерата да им откинат дел од, досега, традиционалното гласачкото тело.

Се чини дека македонското општество негува се’ поголеми симпатии кон радикалните партии, што веќе на следните избори може да предизвика промена и изненадување во изборниот резултат. Секојдневното инволвирање во криминални дејности на голем број членови на умерените и големи партии, нивното тонење во безидејност, само го забрзува се’ поизвесното редефинирање на домашната политичка карта.

Со тоа, прашањето има ли крај на континуираното тонење, има ли надеж дека до првите избори во 2024 година работите ќе се сменат на подобро, полека стануваат бесмислени и одвишни.

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …