обвинителство

Пред или по избори, државен обвинител ќе се избира во „подгреана“ политичка атмосфера

Понеделник е последниот работен ден на актуелниот државен обвинител Љубомир Јовевски, па за денеска е закажана седница на Советот на јавни обвинители кој треба да избере привремен заменик. Од таму ветуваат дека ќе сторат се, за да се запазат роковите, но битката ќе се води во Собранието.

Писмото од Владата до Советот за јавни обвинители за мислење за тоа кој кандидат заслужува да биде избран за нов Државен јавен обвинител се уште патува до Советот на јавни обвинители. Таму пак веќе се подготвуваат предлози за тоа кој би можел да биде привремен државен обвинител во замена на актуелниот Љубомир Јовевски бидејќи пет годишниот мандат му истекува во понеделник, а негов наследник се уште нема.

Седницата за избор е закажана за денеска, но за сега никој не открива кој би можел да биде вршител на должност се до изборот на новиот обвинител. Дел од членовите на Советот за јавни обвинители за РСЕ велат дека ќе имаат предлози за вршителот на должност, но не сакаат да шпекулираат со имиња се до седницата кога треба да биде избран.

Она што се знае е дека тој мора да биде од редовите на обвинителите кои се во Републичкото обвинителство и дека мандатот на в.д. обвинителот трае шест месеци. Во моментов тоа се деветмина обвинители Анита Топалова Исајловска, Бешким Бесими, Исмаил Дарлишта, Соња Симовска, Ферат Елези, Џелал Бајрами, Елвин Вели, Наталија Тасевска и Љупчо Коцевски. Токму Коцевски е и еден од тројцата кандидати кои се пријавија на огласот за нов прв човек на обвинителството, и нема законска пречка да седне во оваа фотелја уште пред да биде избран од Собранието во улога на вршител на должност.

После завчерашната седница на која за обвинители во републичкото обвинителство беа избрани и Лиле Стефанова и Наум Пановски, се отвори прашањето дали и тие би можеле да влезат веднаш и во изборот за в.д. државен обвинител. Дел од членовите во Советот коментираат дека не би било добро веднаш по унапредувањето да застанат и на чело на Државното обвинителство па макар и како вршител на должноста.

Според Претседателката Душица Димитриевска одлуката која е донесена е со важност од 1 јануари 2024 година, а тие немаат дадено ниту заклетва пред ова тело.

Тројца пријавени кандидати: политиката, изборите, стеснетиот круг причина за мала заинтересираност

Обвинителката од ОЈО Скопје Лидија Раичевиќ е со најдолг стаж во јавно обвинителската дејност од 2003 та година, од тројцата кандидати кои се пријавија на огласот. Таа е еден од ретките обвинители кои се речиси во секое време достапни за јавноста, а како нејзин предмет по кој е запаметена е случајот „Ровер“ во кој обвинет за помагање во убиство беше Љубе Бошковски, поранешен министер за внатрешни работи во владата на ВМРО ДПМНЕ, а сегашен соработник на актуелниот премиер Љубе Бошковски. Единствено таа од тројцата пријавени му била противкандидат при изборот на Љубомир Јовевски.

Вториот кандидат Љупчо Коцевски во 2008 е избран за обвинител во Вишо обвинителство Гостивар а пред две години е унапреден во републичкото обвинителство. Тој е претседател на дисциплинската комисија на чиј предлог беше разрешена обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

Третата кандидатка е Фатиме Фетаи, е најмладата од тројцата кандидати и е добро позната за јавноста како дел од специјалното јавно обвинителство. Од таму се врати во скопското обвинителство па и покрај тоа што првично конкурираше за обвинител во организиран криминал, не беше избрана, но подоцна беше унапредена во Виш јавен обвинител во Скопје. На последниот избор за прв скопски обвинител, се пријави, но по тоа ја повлече кандидатурата. Нејзин е предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес каде се осудени поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер Ѓоко Поповски.

Ова е избор на Државен обвинител на кој има најмалку пријавени заинтересирани кандидати. За дел од познавачите ова е поради тоа што изборот се случува пред два циклуса избори парламентарни и претседателски, а досегашните искуства покажале дека по создавање на нов парламентарен состав прв на удар е државниот обвинител. За други пак политиката конечно треба да ги тргне рацете од обвинителството, па изборите не би требало да бидат пречка.

„Мислам дека сега немаат толку комоција баш туку така да си поставуваат свои луѓе. Инаку мандатот на обвинителот и на владата намерно не е ист, за да се избегне досегашното искуство секоја власт да го разреши претходниот обвинител, или пак многу често се случуваше. Сега тој простор за толку отворени влијанија после отворените критики кои доаѓаат е малку намален, стеснат. За тоа јас не гледам пречка да се изврши изборот, вели Гордан Калајџиев, професор по кривично право на Правен факултет.

Според законот за јавно обвинителство од 2020 година за Јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Ако на претходниот оглас имаше пријавено кандидати од адвокатурата или нотаријатот, сега се само од редовите на обвинителите, не се пријави ниту судија и покрај тоа што членот 62 го дозволува ова.

Државен обвинител пред или по избори

Според законските прописи, Собранието го именува Државниот јавен обвинител, кој ќе биде по предлог на Владата која пак во моментов се уште не испратила ниту барање за мислење за кандидатите. Советот на јавни обвинители ќе има рок од 15 денови да ги даде своите мислења со можност од дополнителни 15 денови кои ќе треба да се од оправдани причини.

Претседателката на советот Димитриевска вели дека ќе направат се за да ги запазат законските рокови и да не ја одложуваат постапката. По добиените мислења владата го доставува предлогот за именување на Jавен обвинител за кој Советот дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата го доставува и мислењето од Советот.

Но, до сега ниту власта ниту опозицијата јавно не го кажале своето мислење за тројцата кандидати кои се уште не се оценувани. Изборот се врши со просто мнозинство. Доколку пред изборите кои според политичкиот договор треба да се случат на 8 мај, но Собранието ќе се распушти на 28 февруари не се избере обвинител, тогаш оваа задача ќе ја има новиот парламентарен состав.

Тоа значи дека в.д претседателот е можно да остане речиси до крајот на својот шест месечен мандат односно до втората половина на јуни 2025 година, а една од првите задачи на парламентот да биде избор на Државен обвинител.

Инаку актуелниот Јовевски чека до последниот ден да даде свој осврт на работата на обвинителството на чие чело беше од 25 јануари 2017 година. Од таму најавија дека најверојатно преку писмено соопштение Јовевски ќе и се обрати на јавноста.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …