Лидерска средба ќе се одржи в понеделник напладне, а на истата ќе биде повикан и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тема на разговор на лидерската средба ќе бидат изборите што претстојат, а за кои првичните информации се дека ќе се одржат на 8 мај 2024 година, како и измените во Изборниот законик.
„Средбата ќе биде закажана за понеделник и ќе разговараме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори, како и за измените на Изборниот законик во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР“, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ начелно прифатија лидерската средба да биде в понеделник, но побараа да не биде на пладне, туку подоцна.
„Знаеме дека приоритет на Ковачевски се винските средби, но сепак лидерските се важна работа која не се договара преку медиуми“, велат од опозициската партија.
Марија Митева, портпарол на партијата, рече дека претседателот на партијата Христијан Мицкоски бил зафатен до 11 часот в понеделник.
„Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник која што е поврзана со изборите. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно, бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор“, нагласи Митева.
СДСМ возврати дека жалат што му ја нарушуваат агендата на Мицкоски и потврдија дека лидерската средбата за изборите ќе се одржи во 12 часот.
„Мицкоски, очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ, работи само два часа во текот на денот, од 9 до 11 часот. Средбата е в понеделник и ќе биде во 12 часот“, соопшти СДСМ.
Лидерската средба за изборите следува откако премиерот и претседател на СДСМ, Ковачевски, пред неколку дена изјави дека „мај нуди можност за одржување и на претседателски и на парламентарни избори“, иако досега тој не потврди дали изборите ќе бидат на 8 мај.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави дека доколку 8 мај е прифатлив за одржување на вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори, тогаш изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.