Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети општина Струга во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“
За време на престојот, претседателот Пендаровски посети повеќе институции во Струга, кои се дел од македонското културно наследство, ја посети компанијата „Подгорка“, која се занимава со увоз и дистрибуција на прехранбени производи и оствари средба со активисти и волонтери, кои иницираат еколошки акции за чистење на брегот на Охридското езеро.
На средбата со раководството на компанијата „Подгорка“, претседателот Пендаровски беше запознаен со нивната дејност, капацитетите во прехранбената индустрија и со нивните најнови инвестиции кофинансирани од ИПАРД фондовите и Владата.
Претседателот Пендаровски, во Струга ја посети спомен-куќата на еден од основоположниците на современата македонска проза, авторот на македонската химна Владо Малески, како и муралот кој во спомен на неговиот лик и дело го изработи уметникот Горан Ристовски, а е поставен на фасадата на струшкиот Центар за култура „Браќа Миладиновци“. Во насока на поддршка на македонското културно наследство, претседателот Пендаровски беше во посета и на спомен-куќата на браќата Димитар и Константин Миладинови и спомен-галеријата на еден од основоположниците на нашата современа уметност, академикот Вангел Коџоман. Директорот на НУ Музеј “д-р Никола Незлобински“ Јован Василевски, го запозна претседателот Пендаровски со тековните активности и предизвиците со кои се соочува оваа Национална установа, како и со состојбата на галериите и музеите кои се во нејзини рамки. Претседателот Пендаровски посочи дека е неопходна континуирана поддршка и одржување на културните институции, кои како едни од најпосетуваните од страна на домашните и странските туристи, претставуваат важен ресурс за поттикнување на економско – туристичкиот развој на општина Струга.
Во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“, претседателот оствари средба и со десеттина струшки активисти и волонтери кои втора година по ред организираат еколошки акции за чистење на брегот на Охридското езеро. Ндерим Положани, иницијатор на акцијата и претседател на планинарскиот спортски клуб „Капс“ од Струга изрази надеж дека нивната граѓанска иницијатива, ќе ја подигне јавната свест за чување и заштита на природата и животната средина и ќе ја поттикне локалната самоуправа да ги поддржи нивните наредни активности.