„Превентивата е прв чекор во борба со ракот” - трибина по повод Светскиот ден за борба против ракот и Меѓународниот ден на децата болни од рак

„Превентивата е прв чекор во борба со ракот” – трибина по повод Светскиот ден за борба против ракот и Меѓународниот ден на децата болни од рак

По повод 4 февруари, Светски ден за борба против ракот и 15 февруари, Меѓународен ден на децата болни од рак, во организација на Здружението за унапредување на здравјето ФИЛИП ЛУКАРОСКИ денеска во Струга се одржа трибина со наслов „Превентивата е прв чекор во борба со ракот”.

Покрај претседателка на здружението ФИЛИП ЛУКАРОСКИ, Петра Лукароска, свои излагања на трибината имаа и д-р Арменд Арслани, директор на Општата болница во Струга, д-р Мајлинда Шеји Скендери, специјалист гинеколог акушер, д-р Ферид Салкоски, специјалист педијатар и м-р Маја Талеска Василеска, психотерапевт во едукација.

Учесниците на трибината укажаа на поразителниот факт на кој кажуваат светските статистики, според кои секоја година околу 8 милиони луѓе умираат од рак.

Уште попоразително делува податокот дека ракот е водечка причина за смрт кај децата и адолесцентите ширум светот. Како што беше потенцирано, на светско ниво, секоја година ракот се дијагностицира кај близу 400.000 деца на возраст од 0 до 19 години, а на секои 3 минути од рак умира по едно дете. Притоа, стапката на преживување во земјите со повисок стандард изнесува 80%, додека во земјите со низок и среден стандард, само 20%.

По прашањето на спречување на подмолната болест, беше речено дека повеќе од една третина од сите видови на рак може да се спречи со намалување на изложеноста на факторите на ризик како што се тутунот, дебелината, физичката неактивност, инфекциите, алкохолот, загадувањето на животната средина, професионалните канцерогени материи и зрачење, а за дополнителна третина ракот може да се спречи преку навремено откривање со правилно третирање, со спроведување на стратегии за превенција, рано откривање и третман.

„Треба да бидеме свесни дека оваа болест не бира ни пол ни возраст. Од тие причини, неопходни ни се навремени и точни информации за ракот, квалитетни услуги за негова превенција и, првенствено, разбивање на стигмата за посета на лекар. Одложувањето на времето, ненавременото дијагностицирање, може да чини изгубен живот. Затоа, слушајте го вашето тело, научете ја секоја нерамнина на вашето тело, правете самопреглед. Секоја промена веднаш детектирајте ја, одете на редовни медицински прегледи, скрининг тестови и пријавете ги сите симптоми кај вашиот матичен лекар. Во повеќето земји, на децата преживеани од рак се гледа како на херои кои храбро го победиле ракот. Тие се жив доказ дека ракот во детството може да се лекува доколку е точно дијагностициран и ефективно третиран“, нагласи претседателката на Здружението ФИЛИП ЛУКАРОСКИ, Петра Лукароска.

Лукароска рече дека секој може и треба да избере здрав начин на живот, да свати дека раното откривање на рак спасува живот, дека секој треба да бара и да дава поддршка, да сака и да биде сакан.

„На сите вам ви посакувам добар и здрав живот. Уживајте во малите нешта кои што животот ви го овозможил и борете се за работите што ги сакате. Бидете здрави и инспирирајте другите да бидат здрави, да имаат живот без рак“, порача Лукароска на крајот на своето излагање на денешната трибина „Превентивата е прв чекор во борба со ракот”, која се одржа во салата на Советот на Општина Струга.

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …