Презентиран Извештај за човековиот развој 2019 - Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век

Презентиран Извештај за човековиот развој 2019 – Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век

Претседателот Стево Пендаровски, денеска беше домаќин на презентацијата на извештајот за човековиот развој 2019 – Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање изрази задоволство што во извештајот Северна Македонија се наоѓа во категоријата на земји со висок човеков развој и од 2000 година до 2018 година бележи развој во сите категории.

Овие резултати звучат охрабрувачки, но, само на прв поглед, рече Претседателот, потенцирајќи дека во поширокиот европски контекст  состојбата кај нас воопшто не е сјајна, и тоа поради најмалку две причини. Прво, во нашата категорија на држави со висок човечки развој има само 6 од 44 европски држави. Најголем дел од европските држави припаѓаат на погорната категорија на држави со многу висок човеков развој. Второ, зад нас има само две европски држави од кои ниту една нема статус на кандидат за членство во Европската унија.

„Ние треба многу сериозно да го земеме предвид извештајот на УНДП и да се соочиме со фактите. А, фактите зборуваат дека за речиси 30 години независност, сме имале вкупно 21 парламентарни, претседателски и локални избори. На овие избори македонските граѓани им дале доверба на стотици политичари од речиси сите релевантни политички партии да ја направат државата подостоинствено место за живеење. И покрај тоа, ние денес се уште дискутираме за тоа дали едно просечно четиричлено семејство ќе може да го преживее месецот со две минимални плати“, нагласи претседателот Пендаровски, повикувајќи се на извештајот на УНДП кој, според него покажува дека средната класа во Северна Македонија се топи.

Претседателот подвлече дека степенот на демократија во една држава, пред се, се мери со способноста на државата да овозможи доследно почитување и владеење на правото, а функционалната правна држава е основен предуслов за одржлив јавен поредок.

„За жал, поради корупцијата и особено високата корупција, ние се уште зборуваме за нееднаквост на граѓаните пред законите. Затоа и не треба да бидеме изненадени од нивното незадоволство. Додека се уште преговараме за висината на минималната плата, прогресивниот данок, социјалната помош и другите неопходни мерки за намалување на економската нееднаквост, на повидок е нова генерација на нееднаквости што не може да се надмине само со традиционалните економски политики“, потенцираше претседателот Пендаровски, притоа оценувајќи дека младите висококвалификувани кадри не си заминуваат само поради висината на платите, туку и поради квалитетот на животот и човековото достоинство.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите нации, Нарине Сахакјан, истакна дека УНДП со нетрпение очекува да го продолжи партнерството со Северна Македонија и во иднина, нагласувајќи ја заложбата за градење подобра иднина за сите.

Програмата за развој е посветена да оди надвор од границите на човековиот развој неоставајќи никого изоставен, да поттикнува локални акции за глобални промени и да влијае на начинот како размислуваме, испорачуваме, инвестираме и како се справуваме со прогресот кон остварувањето на глобалните цели за одржлив развој. Нееднаквоста не е надвор од решенијата – таа подразбира поширок круг на политики надвор од приходот, надвор од просечноста и од денешницата, истакна Сахакјан.

Прочитајте повеќе

Филипче со Бочварски по новата делница од Градско кон Прилеп

Филипче и Бочварски возеа по новата делница од Градско кон Прилеп, работите се завршени околу 90% (ВИДЕО)

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и носителот на изборната единица 4 на СДСМ …