Приказна од болничката соба

Приказна од болничката соба

Пишува: Зоран Милошески

Чичко Б беше човек на своите 70 и нешто години. Чаршиски човек, активен учесник и сведок на сите општествени случувања. Се’ до инфицирањето со ковид-19, здрав, витален и полн со енергија за седумте и кусур децении живот.

На Инфективното одделение Чичко Б го донесоа само неколку денови откако медицинскиот тим од прилепската болница се погрижи да ја надминам животозагрозувачката фаза на болеста.

Го сместија во креветот наспроти мене. Беше исплашен и вознемирен, со повремени панични испади и гласно искажување на последиците кои кај него ги предизвикал коронавирусот. Веројатно заради фактот дека бев единствениот во болничката соба кого го познаваше, Чичко Б комуницираше само со мене.

  • А, бе, Милош… А бе се’ до денеска, јас бев најздрав од сите во семејството. Десет дена имав температура, ама ќе се напиев апче и ќе ја снемаше. Шо се случи наеднаш? Кај се најде, кај се запусти оваа чума? Готово е, толку е, ќе умрам – постојано и упорно повторуваше Чичко Б во првите неколку часови од неговото хоспитализирање.

Беше јасно дека на пациентите од соба бр.1 им претстои уште една бесона ноќ.

Обидувајќи се да го смирам, му велев дека се’ ќе биде во ред. Дека е многу важно да не ја симнува од лице маската со кислород, дека не треба да ја троши енергијата на зборување и дека сонот, макар на час или два, му е повеќе од потребен. Тоа што 10 дена со температура седел дома, во одредена мера ми раѓаше сомнеж и страв по прашањето дали не задоцнил со доаѓањето во болница, но сепак… Тука е, контактибилен е и свесен, со цел медицински тим околу него… нема шанси работите да појдат на лошо! Па, белки не се умира така лесно и за час!?

  • Ти само чувај ја на лице маската, диши од кислородот и нема да имаш проблем. Не се умира така лесно бе Чичко Б! – му велев со истата убеденост дека тешејќи го, јас всушност му ја кажувам вистината – дека и покрај опакоста и подмолноста на вирусот, сепак умирачката не бидува така лесно и едноставно.

Во текот на ноќта, вредниот и посветен медицински персонал неколкупати ја набљудуваше и бележеше здравствената состојба како на Чичко Б, така и на останатите пациенти, преземајќи се’ што е неопходно за одржување на нашето здравје.

Утрото не донесе ништо ново. Околу пладне, кога се чинеше дека Чичко Б полека ги надминува речиси хистеричниот страв и вознемиреност, неговата состојба нагло се влоши. Лекарите и медицинските сестри со сите средства и на сите можни начини се обидуваа да го одржат во живот. За жал, не успеаја. После речиси едночасовна борба, тука, пред моите очи, Чичко Б, почина.

Молк. Тишина. Сенката на смртта злокобно лебдеше во воздухот, навестувајќи го она што на сите ни беше јасно: дека заминувањето на Чичко Б од овоземниот свет, нема да биде последниот смртен случај во собата бр.1.

Тој ден, со часови немо гледав во празниот кревет отспротива на мојот, со грижа на совест дека го излажав Чичко Б. Оти, му реков дека не се умира така лесно, ама… ама се умирало! Полесно и побрзо од сите очекувања и претпоставки.

Во моментот сте тука, живи и полни со желба и надеж дека ќе ја надмудрите подмолната болест, дека ќе се отргнете од нејзината прегратка. За неполн час или пократко –  веќе ве нема.

Во 15-те денови поминати на Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“, многу луѓе поминаа низ болничките кревети. Не навлегувајќи во причините поради кои Прилеп беше „ороводач“ во трите досегашни пикови на пандемијата на ковид-19, сакам да им искажам признание на докторите, медицинските сестри и болничарите од Инфективното одделение. Признание и благодарност на нивната посветеност, професионалност и искажана грижа за сите пациенти хоспитализирани во одделението.

Нашиот здравствен систем е далеку од идеален. Како, впрочем, и здравствените системи на најмоќните светски земји, кои покажаа видливи слабости во справувањето со коронавирусот. Освен тоа, ние сме народ кому критизерството му е „национален спорт“, народ кому зборовите „благодарам“ и „извини“ му се туѓи и несвојствени.

Во секое жито има какол. Меѓутоа, здравствените работници покажаа зошто се херои на новото време. Иако исцрпени, преморени и малку на број, но со многу љубов и емпатија, во секое време од денот и ноќта беа таму каде нивното присуство беше неопходно. Затоа, почитта кон нив треба да биде гласно искажана!

…Во предвечерието на неизвесноста која ја носеше секој утрешен ден, со мобилните телефони се прелистуваа фотографиите и информациите кои биле обележје на денот на заминување. Тие кои индиректно се однесуваа на болеста, делуваа разочарувачки и поразително по пациентите, докторите… Бидејќи, сите констатирани прекршувања на протоколите за заштита од ковид-19, секое непочитување на препораките и мерките на Комисијата за заразни болести, секое евидентирано групирање и неносење заштитна маска, секое ново комбе чија крајна дестинација беа скијачките центри во или надвор од земјата, значеше потреба од нови болнички капацитети и нови потенцијални „цимери“ во собата бр.1.

ПС: А за 8 Март, каде?

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …