Рушење на фонтаната во центарот на Прилеп 2015

Ретро (05.06.2015): За да постават споменик, прилепските локални власти срушија фонтана

Пишува: Зоран Милошески

Скандалозна одлука на прилепските локални власти: за да постават споменик на Крал Марко, ја срушија фонтаната на градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто“ која ја изградија пред само 7 години!

Според директорот на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови (ЈП за ПУП) Бранко Нешкоски, фонтаната се рушела затоа што, како што рече, „ја нарушувала визурата на Градскиот саат“.

Ретро (05.06.2015): За да постават споменик, прилепските локални власти срушија фонтана

Сепак, ако се суди според документите кои од ЈП за ПУП беа доставени до членовите на општинскиот Совет, причина за рушењето на фонтаната е што на тоа место треба да се постави споменик на Крал Марко! Имено, во известувањето на јавното претпријатие по однос на носењето Одлука за подигање спомен-обележје на Крал Марко пишува:„Во рамките на овој проект се предвидува и рушење на постојната фонтана на ЈКП ‘Водовод и канализација’ и поплочување со гранитни плочки во постојниот манир“.

Фонтаната нема стопан!?

По редот на нештата, првата адреса на која побаравме одговори на повеќето прашања беше локалната самоуправа, односно градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески.

Од надлежните во Општина Прилеп се обидовме да дознаеме кој и зошто донел одлука за рушење на фонтаната, дали за тоа била консултирана германската банка и колку пари биле потрошени за нејзината изградба? Согласно прокламираните принципи за отчетност и транспарентност во работењето, бараните одговори – не ги добивме!

Следна адреса на која се обративме за одговори, беше амбасадата на СР Германија во Македонија. Освен што од германската амбасада нѐ информираа дека KFW банката е сѐ уште присутна во Македонија и дека е активна на голем број енергетски проекти, оттаму го добивме и следниот одговор:

„Согласно нивните информации (на KFW банката, н.з.), оваа фонтана не е финансирана од KFW, туку од општината или евентуално од ЈКП. Забуната најверојатно настанува поради фактот што на таа фонтана била истакната благодарност на градот Прилеп до СР Германија за донацијата во водоснабдувањето“, се вели во мејлот на Одделението за економија при амбасадата на СР Германија.

Одговор од германската Анбасада

Водени од општопознатата информација дека фонтаната е во сопственост на ЈКП „Водовод и канализација“- Прилеп и дека е донација на германската KFW банка, се обративме до јавното претпријатие со намера да ги дознаеме причините за нејзиното рушење, како и за тоа колку пари чинеше нејзината изградба? Одговорот кој го добивме е, најблаго речено, изненадувачки.

Генералниот директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Сашко Николоски, вели дека фонтаната не се водела ниту како основно средство, ниту пак како опрема во сопственост на јавното претпријатие, поради што не можат да одговорат колку средства биле потрошени за изградба на истата.

„Причините за рушење на фонтаната нас како ЈКП ‘Водовод и канализација’ – Прилеп, официјално не ни се соопштени, а со тоа не знаеме чија е одлуката за рушење на фонтаната. Фонтаната е изградена пред 2009 година, односно пред јас да бидам поставен за директор на ЈКП ‘Водовод и канализација’. По проверка на целокупната документација која ја добивме по реализација на проектот ‘Реконструкција на водоводната мрежа’ од KFW банката, констатиравме дека немаме никаква документација за истата. Според неофицијални податоци за кои немаме документација, фонтаната е финансирана од финансискиот консултант ‘CVC Cees Vulto Consulting’ и е изградена како урбана опрема“, се вели во мејлот на директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Сашко Николоски.

Ниту холандскиот консултант не дал пари за фонтаната

Следната станица во нашето истражување беше онаа која ни ја препорачаа од ЈКП „Водовод и канализација“: финансискиот консултант „CVC Cees Vulto Consulting“. Сопственик на фирмата чие седиште се наоѓа во Утрехт, Холандија, е Cees Vulto, кој демантираше дека неговата фирма донирала средства за изградба на фонтаната.

Одговор на Вулто

Како што може да се види од принтскринот на неговиот мејл, г-нот Cees Vulto потврдува дека во периодот од 2006 до 2009 година бил инволвиран во проектот за реконструкција на водоводната мрежа, меѓутоа ниту неговата фирма ја финансирала изградбата на фонтаната, ниту пак му е позната сумата која за таа намена била потрошена. За поконкретни информации нѐ упати до директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ во чие време се градеше фонтаната, Методија Томески.

„Фонтаната е дел од проектот за реконструкција на водоводната мрежа во Прилеп, поточно компонентата за институционално зајакнување на ЈКП ‘Водовод и канализација’ – Прилеп во делот на PR (public relations) сегментот. Таа беше финансирана од донацијата, поточно од делот за институционално зајакнување на јавното претпријатие и чинеше 10.000 евра. За тоа во ЈКП ‘Водовод и канализација’ нема финансиска документација, бидејќи целокупната финансиска конструкција беше затворена со гореспоменатата компонента“, изјави поранешниот директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Методија Томески.

Ретро (05.06.2015): За да постават споменик, прилепските локални власти срушија фонтана

Томески вели дека фонтаната спаѓала во урбана опрема, заради што согласно Законот за градење не било потребно одобрение за градење.

Колку пари чини фонтаната – 10.000 или 50.000 евра?

Ако од една страна одговорот на Томески ни даде појасна слика за тоа кој ги дал парите за фамозната фонтана, од друга страна се наметна едно мошне суштинско прашање за висината на средствата потрошени за нејзината изградба. Прашањето уште повеќе добива на тежина ако кажеме дека и од „Теракота Инженеринг“, фирмата која ја градеше фонтаната, ја потврдија информацијата дека нејзината цена на чинење изнесувала 10.000 евра! Оттаму, прашањето кое се наметнува само по себе гласи: Колку пари чинеше фонтаната – 10.000 евра, колку што велат директорот Томески и изведувачот на работите „Теракота Инженеринг“, или 50.000 евра, колку што пишува на официјалната веб страна на Општина Прилеп?

Цена на фонтаната на стариот сајт на општина Прилеп

Во потрага по вистината, уште еднаш се обративме до прилепската локална самоуправа, овој пат со прашање за причините поради кои се јавува разлика во цената на фонтаната од дури 40.000 евра и, доколку е точна нивната бројка, каде и за што биле потрошени тие средства?

Погодувате, Општина Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески повторно останаа “глуви“ на нашите прашања.

Која е позадината на рушењето на фонтаната?

Истражувањето покажа многу контрадикторности поврзани околу вистинскиот донатор, цената на чинење и причините за рушење на фонтаната чиј „живот“ на градскиот плоштад „Методија Андонов-Ченто“ во Прилеп изнесуваше само 7 години.

Образложението на првиот човек на ЈП за ПУП Бранко Нешкоски дека единствената причина за нејзиното рушење е нарушувањето на визурата на Градскиот саат, не држи место.

Прво, заради споменатиот документ на јавното претпријатие во кој недвосмислено е кажано дека рушењето на фонтаната е дел од проектот за поставување спомен-обележје на Крал Марко.

Ретро (05.06.2015): За да постават споменик, прилепските локални власти срушија фонтана

Второ, затоа што симболот на градот, Градскиот саат, не е изграден вчера, туку повеќе од 150 години се наоѓа на истото место, па бројните архитекти и „експерти“ од локалната самоуправа и ЈП за ПУП морале да го имаат во предвид фактот дека фонтаната може да ја наруши неговата визура.

Трето, одлуката за изградба на фонтаната беше донесена во период кога градоначалник на Општина Прилеп, исто како и денес, беше Марјан Ристески, кога мнозинството во општинскиот Совет, исто како и денес, го имаше ВМРО-ДПМНЕ и, конечно, кога прв човек на ЈП за ПУП, исто како и денес, беше актуелниот директор Бранко Нешкоски!

Заради сето ова прилепчани со полно право се прашуваат дали локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ има долгорочна стратегија и визија за развој на градот, или пак одлуките ги носи во зависност од дневно-политичките потреби? Или пак во прашање е нешто сосема трето?

*Напомена: Текстот беше објавен во порталот РеволуционерМк

Прочитајте повеќе

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. …