Прислушуваните разговори не се сечени лепени и монтирани како што тврдеа Никола Груевски и поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Нивната автентичност во судницата ја потврди професорот на Електротехничкиот факултет од Белград, Слободан Јовичиќ, кој на предлог на обвинителството сведочеше во судот во случајот наречен „Насилство во Општина Центар“.
Јовичиќ потврди дека гласот од бомбите кој нарачува „ Жерновски да изеде едно пет-шест шамари пред камери“ e на Никола Груевски, а ја потврди автентичноста на гласовите и во другите прислушувани материјали.
Случајот наречен „Насилство во Општина Центар“ почна во 2016 година и сега е во завршна фаза. На Груевски му се суди во отсуство, а двајца од обвинетите, тогашни советници од ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет, ја признаа вината пред судот. На обвинителна клупа се наоѓаат Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и десетина други учесници на протестите.
Според СЈО, протестот бил организиран за наводно спречување на уривањето на црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје, а всушност се работело за бизнис интереси на Никола Груевски за да спречи поништување на детални урбанистички планови.