Во работна посета на Прилеп денеска престојуваа заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски.

На средбата во кабинетот на градоначалникот Илија Јованоски, беше разговарано за проектите кои Општина Прилеп самостојно, или во соработка со Владата, ќе ги реализира во тековната 2021 година, додека на отворената дебата со претставниците на стопанските субјекти од Пелагонискиот регион, беа отворени повеќе прашања поврзани со проблемите во, пред се’, патната инфраструктура во регионот.

„Целта на денешниот состанок беше да зборуваме за предлозите и идеите кои ги дадоа Регионалните стопански комори од Прилеп и Битола, кои беа упатени и до премиерот, вицепремиерот, до Владата, во насока на преземање на се’ што е потребно за подобрување на инфраструктурата во овод дел од нашата земја. Познато е дека Пелагонискиот регион заостанува со патната инфраструктура и затоа треба час поскоро да се подобри нејзината состојба“, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

„Факт е дека инфраструктурата во Пелагонискиот регион е запоставена во изминатиот период и дека можеби токму овој состанок со сите засегнати страни, локалната и централната власт и бизнис заедницата, ќе овозможи за скоро да се консолидираме“, рече градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.

„Пелагонискиот плански регион е втор по големина во нашата земја, со околу 8.300 правни субјекти, 220.000 жители, регион кој создава 13% БДП, со 300.000 литри млеко на дневна основа, со 90% од вкупното производство на јаболка и тутун од 65%, со 90% од вкупното производство на енергија. Овие бројки би биле уште поголеми, ако сите овие барања за подобра иннфраструктура, за автопатски решенија кои 15 години ги доставуваме до Владата, беа реализирани“, истакна Мирко Велковски, претседател на Регионалната комора – Битола.

 

„Нашиот однос со бизнис секторот го градиме врз отворени дијалози, каков што е и овој денешен состанок. На последната средба која со премиерот Заев ја одржавме со градоначалниците од Пелагонискиот регион, јасно ставивме до знаење дека Владата е силно фокусирана на модернизација на целокупната патна инфраструктура во Пелагонија. И покрај тоа што наследивме голем број проблеми несвојствени за градежништвото, успеавме голем дел од нив да надминеме“, нагласи министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

„За мене е задоволство да имам можност да се сретнам со претставници на бизнис секторот, кои функционираат во Пелагонискиот регион. Денеска сме овде да ги претставиме плановите на Владата за економски развој на регионот, особено кога станува збор за директната поддршка од Владата кон компаниите, но и да ги претставиме нашите инвестициски планови за инфраструктурни проекти, со кои ќе ја подигнеме конкурентноста на фирмите и на регионот, како и да зборуваме за намерите во однос на системски промени кои ќе донесат царински и даночни олеснувања, што е уште еден чекор напред за поддршка на домашните и странските компании, за нивен раст и развој“, потенцираше вицепремиерот Фатмир Битиќи.

На денешната средба, покрај за решавање на проблемите со инфраструктурата, стопанствениците од Пелагонискиот регион покажаа интерес и за петтиот пакет економски мерки кои деновиве ќе ги донесе Владата.