Прв круг од парламентарните избори во Франција

Прв круг од парламентарните избори во Франција

Франција денеска гласа во првиот круг од парламентарните избори. Избирачките места во континенталниот дел од земјата беа отворени во 8 часот утрово, откако гласачите во прекуокеанските територии гласаа претходно викендов, додека гласањето се затвора вечерва во 20 часот.

Овие избори се клучни за вториот мандат на Емануел Макрон и ќе го одредат неговиот капацитет да испорача внатрешна политика како што е зголемување на старосната граница за пензионирање и ревидирање на системот за бенефиции, пишува „Гардијан“.

На Макрон, кој беше реизбран за претседател во април, му треба мнозинство за неговата центристичка коалиција во долниот дом на парламентот да има одврзани раце за неговите предлози за намалување на даноците и за воведување промени во системот на социјална помош.

Главен противник на коалицијата предводена од Макрон на овие избори е историскиот сојуз на партии од левицата, предводен од партијата „Непокорна Франција“ на Жан Лук Меланшон, кој се обидува масовно да ги зголеми своите места и да го намали резултатот на центристите на францускиот претседател.

За вкупно 577 пратенички места во Националното собрание се борат речиси 6.300 кандидати.

Според анкетите, центристичката алијанса на Макрон ќе освои најголем дел од парламентот, но сепак постојат шанси коалицијата да не добие апсолутно мнозинство за кое се потребни 289 места.

Анкетите покажуваат дека алијансата предводена од Меланшон би можела да заземе меѓу 155 и 205 места во парламентот и да стане главна опозициска сила.

Макрон и министрите во француската влада ја засилија кампањата неделава, предупредувајќи дека Меланшон е опасен екстремист кој ќе ја „убие Европската Унија“, „ќе стапи во сојуз со Русија“ и ќе придонесе кон светски неред.

Екстремно десничарската партија „Национален собир“ на Марин Ле Пен, пак, која на изборите во 2017 година освои осум места, овојпат се надева дека ќе добие најмалку 15 места што ќе ѝ овозможи да формира парламентарна група и да добие поголема видливост во собранието. Анкетите покажуваат дека „Национален собир“ би можел да добие помеѓу 20 и 65 места.

Од 577 пратеници во Собранието, осум ги претставуваат прекуокеанските територии на Франција, а 11 ги застапуваат француските државјани кои живеат во странство.

Вториот круг од изборите ќе се одржи на 19 јуни.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Камала Харис

Камала Харис објави извештај за нејзиното здравје, прашање е дали Трамп ќе го стори истото

„Накратко, потпретседателката Харис е во одлична здравствена состојба“, напиша во писмото доктор Џошуа Симонс Потпретседателката …