Првиот пациент со ковид-19 бил на пазарот за животни во Вухан, открива нова американска студија

Првиот пациент со ковид-19 бил на пазарот за животни во Вухан, открива нова американска студија

Според нова студија на научник од САД, првиот пациент, односно „нултиот“ пациент со ковид-19 била продавачка на пазарот за животни во кинескиот град Вухан и таа е регистрирана на 11 декември 2019. Досега во голем дел се сметаше дека првиот пациент е маж, сметководител, регистриран на 8 декември, а кој немал поврзаност со пазарот за животни, посочува „Гардијан“.

Студија направена заеднички од Кина и од Светската здравствена организација (СЗО) годинава ја отфрли теоријата дека ковид-19 излегол од лабораторијата и посочи дека најверојатно болеста, односно корона вирусот, природно се проширил главно преку трговија со диви животни.

Тим предводен од СЗО помина четири седмици во и околу Вухан со кинески научници и во март годинава излезе со заеднички извештај дека корона вирусот (SARS-CoV-2) најверојатно на луѓето е пренесен од лилјаци преку друго животно, но и дека се потребни понатамошни истражувања да се потврди тоа.

Сметководителот за којшто се сметаше дека е првиот човек со корона вирус пријавил дека првите симптоми се појавиле на 16 декември, неколку дена подоцна отколку што првично се знаеше, вели Мајкл Вороби, шеф на Одделот за екологија и еволуциска биологија на Универзитетот на Аризона, во неговата студија објавена вчера во научното списание „Сајанс“. Забуната потекнала од здравствените проблеми што мажот ги имал на 8 декември, се вели во студијата.

Во неа се вели дека најраните случаи со симптоми се поврзани со пазарот за животни, посебно за неговиот западен дел, и потеклото на вирусот се лоцира на пазарот.

Професорот Вороби бил еден од 15 експерти што во средината на мај годинава објавија колумна во „Сајанс“ барајќи сериозно разгледување на тезата дека вирусот „истекол“ од лабораторија во Вухан.

Но, во најновата статија тој вели дека неговото истражување за потеклото на епидемијата „дава цврсти докази за потекло од пазарот за животни“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Вебинар онлајн

Порано само читавме онлајн, сега животот го мигрираме онлајн

Правете бекап на дигиталните податоци, бидејќи ако чувате сè на лаптоп и ако случајно се …