Регрутација за единиците Вагнер: Путин помилува затвореници?

Регрутација за единиците Вагнер: Путин помилува затвореници?

Русија регрутира борци за војната против Украина и во затворите – и за возврат ветува предвремени помилувања. Но, дали луѓето кои се борат во групата Вагнер навистина ќе бидат ослободени по нивната задача?

Извештаи за регрутирање затвореници во руските затвори за војната против Украина првпат се појавија во јули 2022 година. До септември ова беше практично општо познато. Регрутирањето го вршат вработени на претприемачот Евгениј Пригожин, кој ја води озлогласената платеничка група „Вагнер“. Приватната компанија за обезбедување се смета за „армија во сенка“ на претседателот Владимир Путин.

Во замена за шест месеци служба во армијата, на затворениците им се ветува помилување. Меѓутоа, ваква амнестија никогаш не била прогласена од страна на рускиот парламент. Поради тоа, според правните експерти, претседателските декрети на Владимир Путин се единствениот начин на кој затворениците би можеле да бидат помилувани поради нивното учество во војната.

Бројот на предвремени помилувања нагло опадна откако Путин дојде на власт во 1999 година. Во последните два мандата, само по неколку луѓе годишно беа пуштани предвреме на овој начин – во 2021 година Кремљ пријави само шест лица. Сега, според Пригожин, шефот на руската држава би морал да помилува неколку илјади затвореници во рок од неколку месеци.

Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин на гробишта во близина на Санкт Петербург
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин на гробишта во близина на Санкт Петербург

Колку борци се регрутирани? 

Самиот Кремљ досега беше воздржан по ова прашање. „Не можам да кажам ништо за тоа“, негодуваше портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков пред новинарите на крајот на јануари. „Знаете дека има отворени декрети и такви со различни нивоа на тајност. За вториве не можам да откријам ништо.“ Песков додаде дека сите помилувања ќе бидат извршени според руските закони.

Рускиот веб-весник „Медиазона“, кој работи од егзил во Вилнус, Литванија и Тбилиси, Грузија, ги испита податоците од руските затворски власти и откри дека бројот на руски затвореници од септември до октомври 2022 година паднал за 23.000, најверојатно поради регрутирање. Олга Романова, основач на организацијата за човекови права „Русија зад решетки“ (Rus Sidyashchaia), наведува слични бројки. Според проценките на американските тајни служби, во декември 2022 година дури 40.000 затвореници учествувале во војната во Украина како борци на трупите на Вагнер.

Но, од октомври 2022 година бројот на затвореници во затворите веќе не се намалува, забележува „Медиазона“. Од ноември до јануари имало 6.000 затвореници помалку, што одговара на трендот од претходните години, наведува весникот. Британското Министерство за одбрана, користејќи ги истите податоци, исто така, доаѓа до заклучок дека обемот на регрутирање на затвореници сега е значително намален.

Централата на фирмата Вагнер во Санкт Петербург
Централата на фирмата Вагнер во Санкт Петербург

Помилување пред заминување во борба? 

На интернет кружат многу видеа за ослободени затвореници објавени од прес-службата на Пригожин. Сепак, официјален документ беше фатен само еднаш и тоа на видео од октомври 2022 година. Во него, четворица мажи во болницата во Луганск наводно добиваат награда за својата храброст, добиваат потврди за нивно ослободување и „целосно помилување“. Во еден од овие документи стои дека лицето ќе биде ослободено „со декрет за помилување од претседателот на Руската Федерација“. Сепак, документот не содржи број од декретот. Затоа, пак, во документот има датум, според кој претседателот Путин го потпишал релевантниот декрет на 6 јули 2022 година, веројатно пред затворениците да бидат испратени од затвор на фронт.

ДВ ја истражи листата на руски претседателски декрети за 2022 година. Тие се нумерирани последователно, но недостасуваат броевите на тајните декрети. Така можете да се одреди нивниот број. Меѓу 5 јули и 8 јули, кога Путин веројатно ги помилувал и затворениците во споменатото видео, се потпишани четири тајни декрети. Теоретски, секој од нив може да вклучува неограничен број на луѓе.

Информации на поранешни платеници на Вагнер 

Во меѓувреме, поранешни борци на трупите Вагнер известуваат како затворениците добиваат потврди за помилување. Поранешниот платеник и командант на една од единиците Вагнер, Андреј Медведев побегна во Норвешка во јануари, каде што сведочеше пред властите во земјата.

Андреј Медведев, поранешен командант на единица Вагнер
Андреј Медведев, поранешен командант на единица Вагнер

„Знам дека кога ќе пристигнат на собирното место, потпишуваат договори и добиваат формулар за барање за помилување уште пред да тргнат во битка. Можеби тоа треба да ги убеди и гарантира дека нема да бидат излажани за нивното помилување“, изјави Медведев за весникот „Инсајдер“. Друг избеган затвореник за „Медиазона“ анонимно вели дека затворениците добивале барање за помилување на потпис уште додека се во притвор. Според него, апликациите се обработуваат пред мажите да бидат испратени на фронтот.

Дали регрутираните навистина се ослободуваат? 

Нема веродостојни докази дека затворениците се враќаат од војната и се ослободени без какви било обврски откако отслужиле шест месеци во трупите Вагнер. Речиси сите затвореници, чии видеа кружат, велат дека нема да се вратат во нормалниот живот, туку повторно ќе се одат во трупите на Вагнер и на фронтот.

Гробишта за паднатите борци од трупите Вагнер во Краснодарскиот регион, во јужна Русија
Гробишта за паднатите борци од трупите Вагнер во Краснодарскиот регион, во јужна Русија

Руската адвокатка која се залага за правата на затворениците, Јана Гелмел, вели дека регрутираните затвореници не се навистина слободни, дури и ако се ослободени по отслужувањето на борбите. Многумина се под притисок да не ги напуштат трупите Вагнер по истекот на рокот. „Трупите Вагнер ги чуваат бидејќи сите се зависни на некој начин, од затворските власти и од Пригожин.“ Според Гелмел, многу од затворениците кои се враќаат од војната знаат дека би можеле да завршат повторно во затвор доколку одбијат да ги исполнат барањата на трупите Вагнер.

Криминалците се опасни 

Активистите за човекови права веќе предупредуваат на опасен развој што дополнително ќе го поткопа рускиот правосуден систем. Меѓу помилуваните има и осудени криминалци – убијци, вооружени разбојници и членови на организирани криминални банди. Многумина од нив првично биле осудени на долги затворски казни, но нема да одлежат ниту половина од нив.

„Практично нема веќе ниту злосторства ниту казни“, предупредува активистката за човекови права Олга Романова од организацијата „Русија зад решетки.“ „Сега сѐ е дозволено, а такво нешто има многу далекусежни последици за една земја“.

Прочитајте повеќе

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Европскиот парламент го изгласа Планот за раст за Западен Балкан, што е досега најамбициозниот финансиски …