САД: Израел мора да ги заштити цивилите во Газа

САД: Израел мора да ги заштити цивилите во Газа

Израел има одговорност да ги заштити животите на невините луѓе во Газа, изјави во неделата советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, поради зголеменoто негодување во јавноста поради смртта на палестинските цивили.

По растот на бројот на загинати во Појасот Газа, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден беше под зголемен притисок да стави до знаење дека американската цврста поддршка за Израел не се претвора во целосно одобрување на сето она што нејзиниот сојузник го прави во сиромашната крајбрежна енклава.

Саливан во телевизиско интервју посочи дека Вашингтон му поставува тешки прашања на Израел, вклучително и за прашањата околу хуманитарната помош, правењето разлика помеѓу терористите и невините цивили и за тоа како Израел размислува преку својата воена операција.

„Она што ние веруваме е дека секој час, секој ден од оваа воена операција, израелските одбранбени сили и израелската влада треба да ги преземат сите можни средства што им се достапни за да направат разлика помеѓу терористите на Хамас кои се легитимни воени цели и цивилите кои се не“, изјави Саливан на Си-Ен-Ен.

Саливан додаде дека Бајден ја повтори оваа позицијата и во разговорот на 29 октомври со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Саливан, исто така, рече дека Нетанјаху има одговорност да ги „заузда“ екстремистичките еврејски доселеници на Западниот Брег, окупиран од Израел.

„Целосно е неприфатливо да се има насилство од екстремистите доселеници врз невини луѓе на Западниот Брег“, рече тој.

Бруталниот изненаден напад кој го спроведе палестинската милитантна група Хамас врз Израел на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.400 луѓе, предизвика бран на воздушно бомбардирање од Израел и почетна копнена операција.

Милитантите зедоа и повеќе од 200 заложници од Израел, за кои се верува дека се во Газа.

Последните податоци од палестинските здравствени власти покажуваат дека во Појасот Газа каде што живеат над 2 милиони луѓе, загинале над осум илјади Палестинци при нападите од Израел.

Милитантите на Хамас кои ја контролираат Газа се вклопија меѓу палестинското население и во цивилната инфраструктура, што ја отежнува операцијата против нив, истакна Саливан.

„Тоа создава дополнителен товар за Израел, но не ја намалува одговорноста на Израел според меѓународното хуманитарно право, да прави разлика меѓу терористите и цивилите и да ги штити животите на невините луѓе, а тоа е огромното мнозинство од луѓето во Газа,“ изјави Саливан.

Израел ја заостри блокадата и ја бомбардира Газа веќе три недели. Бидејќи резервите на храна, вода и лекови беа при крај, илјадници жители на Газа упаднаа во магацините и дистрибутивните центри на ОН за да добијат храна.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Се враќаат старите и пониски цени на полисите за автомобилско осигурување

Известувањата на осигурителните компании за зголемување на цените не содржеле финансиски анализи за изминати периоди, …