САД со нови санкции кон Додик

САД со нови санкции кон Додик

Американското Министерство за финансии објави проширени санкции кои го опфаќаат и членот на босанските Срби на тричленото претседателство на Босна и Херцеговина, Милорад Додик. Санкциите за дела за корупција се воведени против самиот Додик, но и против Алтернативната телевизија од Бања Лука, која е поврзана со Додик.

Додик претходно денеска кога беа најавени санкции, без да се прецизира за кого, рече: „тоа се нивни санкции, не се наши“.

„Велам дека санкциите не се свето писмо. Немам намера да барам виза за Америка, па макар утре ми ги укинале санкциите“, рече Додик на прашањата на новинарите за санкциите кои ги најави министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ.

Додик вели дека не може да замисли земја во која министрите, како Турковиќ, се радуваат за санкции кон своите граѓани.

Министерката претходно денеска најави дека во текот на денот ќе бидат објавени санкции кон одредени луѓе, без да посочи имиња. Турковиќ вели дека долго се работело на тоа. Таа рече дека постои усогласен став меѓу САД и ЕУ и дека тоа ќе биде само почеток на изрекување санкции.

Работата на државните институции во БиХ е блокирана од јули минатата година, кога претставниците на Република Српска, одбија да учествуваат во носењето одлуки. Тоа беше нивен одговор на тоа што високиот претставник на ЕУ во БиХ, Валентин Инцко наметна измени на Кривичниот закони со кои е забрането да се негира геноцидот и да се величат воените злосторства.

САД и ЕУ бараат да се одблокира работата на институциите и Република Српска да престане со активностите за пренесување на надлежностите од државата на ентитетот. Тоа предизвика политичка криза во БиХ, најголема од потпишувањето на Дејтонскиот договор со кој беше ставена крај на војната во деведесеттите години од минатиот век. Поради тоа многу меѓународни функционери најавија дека е можно да се наметнат санкции кон поединци во БиХ.

САД и претходно воведоа санкции кон Додик и тоа во јануари 2017, кога беше претседател на Владата на Република Српска, поради „непочитување на одлуката на Уставниот суд на РС за забрана за одржување референдум за Денот на Република Српска кој се одржа во септември 2016“. Санкциите подразбираа забрана за влез во САД и замрзнување на имотот и на парите кои се наоѓаат на територија на САД. На американските граѓани им е забрането да учествуваат во трансакции и да соработуваат со лица кои се на листата на санкционирани.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Хрватска: ХДЗ е победник - следува постизборна математика

Хрватска: ХДЗ е победник – следува постизборна математика

Формирањето влада нема да биде едноставно: според привремените изборни резултати, ХДЗ е на прво место …