Сакаат ли Бугарите да влезат во Уставот

Сакаат ли Бугарите да влезат во Уставот

Според жестината на пораките кои доаѓаат од Софија, изгледа политичкиот врв на Бугарија посакува македонските Бугари да не влезат во Уставот. Единствено така можат да се оправдаат пред ЕУ и светот. Пишува: Ерол Ризаов

Се` повеќе станува извесно дека  се точни до неодамна ретките и неверојатни проценки дека жестоката расправа дали граѓаните кои се чуствуваат како Бугари на Македонија треба, или не треба да влезат во Уставот, е само една пропагандна коска и партиска манипулација фрлена на  јавноста од лажните спасители на националните и државни интереси.  Вистината е дека македонските Бугари секако ќе се запишат во Уставот, како и сите други делови од народи што живеат во Македонија. Но,  се уште не се знае дали тоа ќе се случи за време на владата на СДСМ, или на ВМРО ДПМНЕ, или како што вели лидерот Христијан Мицкоски: „тоа нема да се случи во овој параламентарен состав“,  јасна алузија дека уставни промени може да има само кога ќе дојде до промена на власта.

Ова може да биде болно сознание за голем број Македонци кои пред налетот на партиските пропаганди  се` уште веруваат дека со Бугарија ќе се примени политика на реципроцитет ако дојде до промена на власта. Примената на реципроцитет секогаш делува како мевлем на рана и е добро позната и присутна во меѓународните односи и меѓународното право. Во вака влошените односи со Бугарија јавноста во Македонија тоа го прифаќа  како силен и оправдан  одговор на со децении обесправените Македонци во Бугарија. Заговорниците на ваквата политика ништо не  кажуваат за последиците, односно за фактите дека  за да возвратиш со иста мерка треба да ја имаш  таа позиција и моќ за на двете страни  и мерката на последиците и загубите да бидат исти.

Заблудите на политиката на реципроцитет

Клучно прашање кое мора да го одговорат гласноговорниците на реципроцитет е дали е можно  во овој случај на крај да  испадне работата дека враќањето со иста мерка е најпосакуван одговор во бугарскиот политички врв. Ако се суди според жестината на пораките кои доаѓаат од Софија, изгледа политичкиот врв на Бугарија посакува да не влезат македонските Бугари во Уставот. Единствено така можат да се оправдаат пред ЕУ и светот со својата несфатлива  политика на негација на еден народ.

Дали тоа не ја прави  Македонија  единствен губитник од таквата политика која ќе послужи како оправдување за бугарските ултиматуми, закани  и блокади и веќе изречени пресуди за флагрантното нарушување на човековите права и слободи, како што е тоа случај со Македонците во Бугарија.

Со политика на реципроцитет блиску е до здравиот разум дека и Македонија ќе ги добие истите пресуди од судовите за човекови права  како Бугарија, иако веќе е етаблирана меѓу европските држави со јавно признание како земја која најдобро ги има решено првата на етничките заедници и малцинствата. Тоа  е трн во окото кај балканските соседи кои драматично ги нарушуваат и не ги признаваат правата на малцинските народи. Таквото изедначување со Бугарија би била огромна ненадосместлива загуба.

И тоа не би било се`. Со политика на возвраќање со иста мерка ние не можеме да ја сопреме Бугарија да стане членка на ЕУ, таа  е таму одамна. Практично не можеме во ништо да ја спречиме, но таа може со таквиот наш чин да ги оправда своите вета и идни блокади. Финансиските и други последици од политика на реципроцитет  ќе бидат на многу поголема штета за Македонија. Ваквиот пораз наместо посакуван одговор на изедначување во односите би ја довела таа политика на позиција – ем шуто, ем боде.

Деновиве колегата Љупчо Поповски  објави еден дел од Извештајот на бугарскиот Хелсиншки комитет кој се однесува на ограничувањата на правата на Македонците во Бугарија. Монструозна технологија на забрани на човековите права и слободи, почнувајќи од општинската бирократија, па до највисоките судски институции и целиот бугарски  правосудени парламентарен систем. Една тажна слика на правни и политички лавиринти и ограничувања кои многу потсетуваат на едни ужасни времиња кога се жигосуваа народи поради својата национална и верска припадност.

Браво за Хелсиншкиот комитет на Бугарија. Прашањето ми е дали треба да ја следиме таа политика на подеднакво возвраќање, или цврсто да стоиме на веќе стекнати права и слободи на сите етнички заедници што живеат во Македонија. Сакаме ли да читаме исти текстови и од македонскиот Хелсиншки комитет како на бугарскиот, или да ги афирмираме  нашите придобивки во светот и особено на Балканот, дека е можно да се гради демократско мултикултурно и мултиетничко општество од што има уплав кај нашите соседи да не ги префати таквата демократизација. Затоа е и стравот кај Бугарите од Македонците во Бугарија. Затоа пак  кај Македонците нема страв од своите  граѓани што се чувствуваат  како Бугари, заедно со сите други да влезат во македонскиот устав.

Во обидите да се наметне политика на реципроцитет со Бугарија, некои жешки глави одат дотаму да воведеме возвраќање со иста мерка  и на односите со државите членки на ЕУ и со  САД. Станува збор  за глупав  популистички чин барем едно извесно време  да се чувствуваме подобро како да сме светска велесила, додека не се освестиме од последиците на вакви шарлатански авантури. Познати се таквите потези во блиското минато  кои завршија трагично.

Логиката во науката не важи и во политиката

Во целата оваа какафонија во односите со Бугарија која на голема врата влезе во сите предизборни кампањи, кои во суштина траат непрестано со години во двете земји и ја разгоруваат  омразата меѓу бугарскиот и македонскиот народ, најмногу изненадуваат потезите на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ. Универзитетскиот професор на егазктни науки кој вели за себе дека добро знае математика и политика и дека е добар логичар,  повторно игра на картата во добиена позиција да ја изгуби битката и на партијата и на Македонија, што нема никаква логика ни со политика, ниту пак со наука.

Наместо како опозиција да ја препушти тешката политичка одлука на својот политички противник со пристап кој му обезбедува заслужено место за придонес во евроинтеграциите на Македонија, тој ја презема врз себе таа обврска да ја донесе истата одлука во некој друг парламентарен состав кога тој ќе биде премиер и ќе има обезбедено двотретинско мнозинство. Дури тогаш со резултатите на  таа логика  ќе се соочи со гневот на излажаните граѓани од пропагандите на оваа политичка партија дека Бугарите не можат да влезат во уставот додека не се воспостави реципроцитет, или додека не прифати дека понатаму нема да ја блокира Македонија до членството во ЕУ.

Со ваквата политика и калкулации, секоја победа на избори која не овозможува мнозинство од  61 пратеник најголема е веројатноста дека ВМРО ДПМНЕ  може и натаму да остане губитник, бидејќи со ваквите политики повторно ќе нема со кого да коалицира.

Дури и да обезбеди мнозинство кое ја нема поддршката на 80 пратеници, треба да ја вклучи логиката што ако му биде возвратено со иста мерка која тој сега ја практикува. Па наместо со Бугарија да добие реципроцитет во Македонија. Сосема е можно и идната опозиција да го јавне популистичкиот бран и да настапи со истата примамлива и лесно леплива за јавноста реторика во познатиот стил:  ги поддржуваме европските интеграции, ама под овие услови и во овој парламентарен состав нема да гласаме за уставни промени, бидејќи веќе се влошени условите кои беа веќе договорени и против кои беше ВМРО ДПМНЕ.

Крајниот резултат од ваквите нелогични  логики ќе има драматични последици по интересите на Македонија, најмногу поради изгубените години и новата неизвесност која ќе се надвисне ако се променат геостарегиските интереси на Европа и на Америка, кои сега според сите релевантни проценки се најповолни за сите држави на Западен Балкан, а најмногу за Македонија.

Кога ќе почне обновата  на Украина и преговорите со Русија по тешките разорувања од војната, ако дотогаш Македонија не ги донесе преговорите со ЕУ до поодмината фаза од која нема враќање, може да остане изолирана на  Балканот со големи изгледи на нестабилност и поголема сиромаштија, или како што некои веќе  предвидуваат, Македонија да се претвори во еден голем пензионерски дом во кој старците на својата препоследната станица од животот чекаат  од белиот свет  да им се јават децата и внуците на мобилен.

Тоа би била пооптимистичката прогноза. Полошата проценка е дека во случај сите комшии да станат членки на ЕУ, а Македонија да  ја испушти таа шанса, распаѓањето и поделбата на државата би била трагична реалност.

Тие што ги немаат овие проценки, а се гледаат себе си како идни премиери, или на високи функции, не треба да се бават со политика. Во професурата и во науката  има поинаква логика која не важи во политиката. Сличноста предизвикува големи заблуди и катастрофални грешки.

Прочитајте повеќе

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Мицкоски ќе нѐ качува на платформа

Зошто партиите непотребно прават предизборни програми, принудени да лажат, кога имаат готова програма? Треба само …