Седум нови пациенти од Тетово, Кичево, Штип, Куманово и од Охрид кои денеска се јавиле со симптоми на покачена телесна температура се тестирани за корона вирус и во текот на денот ќе ги соопштиме резултатите, информира министерот за здравство Венко Филипче. Тој најави примена на нови заклучоци и мерки кои биле договорени со директорите на скопските клиники, како и со членовите на Комисијата за заразни болести.
– Имаме седум нови материјали кои се работат, пациентите се од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и од Охрид. Некои од нив (оние од Штип, Куманово, Тетово и Кичево) биле во Швајцарија, Австрија и во Германија, а после неколку дена од враќањето развиле висока температура, објасни Филипче, додавајќи дека тие сега се наоѓаат во одделение за изолација додека се чекаат резултатите.
– Дополнително има уште еден пациент од Охрид за кој чекаме резултат. Има и две бремени жени кои се донесени вчера од Дебар. Двете се во стабилна состојба. Не се пред породување, но се во оддели за изолација за да се направат тестовите – рече министерот.
Вкупниот број на регистрирани заболени со ковид-19 во земјава во моментов изнесува 18 лица, со тоа што првата пациентка е веќе излечена.
На Клиниката за инфективни болести се сместени 13 пациенти и сите се во стабилна состојба. Уште 5 пациенти се сместени во Здравствениот дом во Дебар.
– Само една пациентка од Дебар е на респираторна машина, со подобрување на параметрите откако е приклучена, но со непредвидлива прогноза. Ова е ситуација во која многу често непревидливо доаѓаат компликациите. Останатите пациенти се со лесна клиничка слика, вклучително и 15 годишниот пациент – изјави Филипче.
Тој информира дека во државата има околу 120 респираторни машини, од кои најголем број се во Скопје. Денеска на состанок со директорите на клиниките биле донесени повеќе одлуки, меѓу кои да бидат ставени на располагање сите медицински лица од сите здравствени установи вклучувајќи ги и приватните.
Потоа, да се откажат стручните колегиуми на клиниките а координацијата да се прави преку телефон.
Да се третираат само итните и неодложни случаи, а сите пациенти од Институтот за белодробни заболувања – Козле да се префрлат на клиниката за педијатрија за таму да бидат сместени евентуално заболените деца од ковид-19, со цел тие да бидат изолирани од возрасните.
Во Дебар и Центар Жупа, каде пред неколку дена беше прогласена кризна состојба, како што информираше министерот, состојбата е стабилна и нема собирања на граѓани на јавни места, односно нема нарушувања на јавниот ред и мир.
– Мерките за дезинфекција на сите патнички и други моторни возила се спроведени. Влез е дозволен само за жителите на градот. Строго забранет е излез на сите затекнати што се таму. Без проблем се одвива дотурот на храна, лекови и на средства за хигиена. Апел до сите граѓани да останат дома за да се спречи ширењето на вирусот – истакна министерот.
Тој информира и дека сите функции на банките и на останатите финансиски институции се одвиваат нормално, вклучително и институциите за брз трансфер на пари. Потенцира дека нема потреба од паника, бидејќи се работи нормално освен експозитурите кои се затворени во трговските центри.
Рестораните и сите други објекти во кои се подготвува храна, вклучително и рестораните во хотелите, нормално работат, со таа разлика што нема собирање гости, односно моржат да работат по нарачка и со достава.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека ќе имаат разбирање за родителите на децата со цистична фиброза и дека ќе биде дозволено отсуство на двајцата родители и тоа на децата и над 10 годишна возраст.
Факти за заболените од корона вирусот во Македонија:
- Во земјава досега се регистрирани вкупно 19 случаи на заболени со корона вирус, од нив активно заболени во моментов се 18.
- Првиот заболен пациент беше откриен на 26 февруари. Педесетгодишната пациентка се враќала од Италија каде што престојувала еден месец. Таа е заздравена и пуштена од болница.
- На 6 март беа откриени уште два случаи кај сопружници од Дебар кои допатуваа од Италија во возило со други патници.
- До сега од брачната двојка во Дебар се регистрирани најголемиот број на случаи во земјава.
- На 9 март беа регистрирани уште тројца позитивни случаи од Дебар кои се во семејна врска на заразените сопружници од Дебар.
- Истиот ден (9 март) позитивна на тестот за корона вирусот беше и директорката на Клиниката за кожни болести.
- 193 лица со кои таа била во контакт се во домашна изолација.
- На 11 март беа регистрирани уште два позитивни случаи, соседи на заразените од Дебар кои веќе се хоспитализирани.
- На 13 март, се регистрирани уште четири нови случаи поврзани со сопружниците од Дебар.
- На 14 март се регистрирани шест нови случаи, петмина од нив од Дебар и една пациентка од Скопје која се вратила од Барселона, Шпанија. Таа во авионот носела маска и ракавици и сама се пријавила кај надлежните. Сите останати 51 патници во авионот потпишале изјави за самоизолација.
Извор: МЕТА