Северна Македонија под лупа на истражителите на ОЛАФ за злоупотреба на европски пари

Северна Македонија под лупа на истражителите на ОЛАФ за злоупотреба на европски пари

Трошењето на парите на ЕУ во земјава е под лупа на Европската канцеларија за борба против измами. Во последниве пет години од 36 истраги во земјите од Западен Балкан, половина односно 18 се во Северна Македонија. Евроамбасадорот Гир очекува обвинителството да си ја заврши работата.

Се очекува истражители на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) за брзо време да дојдат во Скопје, дознава Радио Слободна Европа од домашни извори вклучени во истрагата. Ова доаѓа откако Канцеларијата која е одговорна за ревизија на фондовите за земјите-членки на Европската унија и другите земји корисници на овие фондови, отворила 36 истраги за земјите од Западен Балкан, но половина од нив се токму истраги за злоупотреби во Република Северна Македонија. Истрагите се спроведувани во изминатите 5 години, а според податоците објавени во годишните извештаи на ОЛАФ, земја со најголем број истраги започнати на Западен Балкан е Северна Македонија.

„Од започнатите истраги, ОЛАФ достави седум препораки до европските институции и македонските власти“, се вели во известувањето од ОЛАФ.

Според извештаите на ОЛАФ, ова значи дека од 18 истраги за пет години, 7 се затворени, а ако се гледа по години 2021 била годината кога се отворени најмногу или 8 истраги за евентуални злоупотреби на европски пари. Три од овие истраги се затворени со имплементација на препораките на ОЛАФ. Минатата година биле отворени 4 а затворени 3 истраги, 2020 – та е отворена само една истрага која се уште не е завршена, 2019 та се отворени 3 и исто толку не се затворени, а во 2018 две се отворени, а само една затворена.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир смета дека луѓето кои што ги злоупотребуваат парите на европските даночни обврзници всушност ги мамат и граѓаните на Северна Македонија. Вели дека ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство.

„ Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Северна Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги“, вели евроабасадорот Гир.

Инфографика - Истраги за злоупотреби на европските фондови во земјите од Западен Балкан (Податоци објавени во јули 2023)
Инфографика – Истраги за злоупотреби на европските фондови во земјите од Западен Балкан (Податоци објавени во јули 2023)

ИПАРД и понатаму најризичен за злоупотреби на европските пари

Најризична област за можни злоупотреби и понатаму остануваат ИПАРД фондовите за поддршка и развојот на земјоделството, бидејќи тука конкурираат индивидуалци, велат за РСЕ истите извори од македонски институции вклучени во истрагата. Од Министерството за земјоделство велат дека истрагите кои ги води ОЛАФ се редовна процедура по пријави, но тоа не значи дека отворените случаи кои се под истрага, секогаш мора да завршат со утврдени неправилности.

„Без разлика на бројот на отворени истраги, тие не значат дека системот не функционира. Сметаме дека нема потреба да се носат избрзани заклучоци. Кога зборуваме за ИПАРД секогаш го потенцираме огромниот успех кој го постигна Северна Македонија и се искачи на лидерско место во регионот на Западен Балкан“, велат од Министерството за земјоделство.

Неодамна, во Албанија привлече внимание веста дека се откажуваат средствата од ИПАРД II програмата, но потоа Министерството за земјоделство соопшти дека средствата не се укинати, а поддршката и понатаму продолжува. На пленарна седница, министерката Фрида Крифца изјави дека привременото замрзнување на средствата во очекување на резултатите од истрагата е нормална практика на Европската унија, а Министерството за земјоделство и рурален развој ги поздравува конечните препораки за одлучување за курсот на дејствување, соопшуваат од ОЛАФ.

ОД македонското Министерство за земјоделство потенцираат дека кога се работи за ИПАРД е постигнат огромен успех со кој Северна Македонија се искачила на лидерско место во регионот на Западен Балкан. Биле склучени 2.369 договори за инвестиции низ целата држава, од ИПАРД 2 програмата, а Европската комисија секогаш упатува пофални зборови и потенцира дека системот кај нас беспрекорно функционира, велат од таму.

Од кабинетот на Министерот за европски прашања, Бојан Маричиќ нема коментар на она што се случува со ЕУ фондовите.

Обвинителството истражува, две истраги се со обвиненија, пресуди нема

Од Обвинителството исто така не откриваат кои предмети се е под истрага на ОЛАФ. Велат дека заедно со другите институции во чија надлежност е откривање на економскиот криминал работат на откривање на можните сторители.

„Преку мрежата АФКОС и Јавниот обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, сме во постојана комуникација и соработка со Европската служба против измами – ОЛАФ во насока на откривање и гонење на сторителите што ги злоупотребиле европските фондови. Како резултат на ваквата соработка во моментов има два предмета од надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција што се во судска постапка. Останатите предмети во кои обвинителството соработува со ОЛАФ се во предистражна постапка и за нив не може да се споделат детали, велат од обвинителството.

Во меѓувреме судски епилог нема ниту од двете истраги со кои се фали обвинителството, а кои резултирале со обвиненија. За случајот со злоупотреба на европски пари каде првообвинета за злоупотреба на 320 илјади евра е поранешната директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, од кривичниот суд велат дека предметот се уште е во доказна постапка. Условна затворска казна има само за еден од обвинетите кој признал вина.

И предметот против Јахи Јахија, екс државен секретар во Министерството за информатичко општество исто така е во доказна постапка. Таму според обвинението Јахија незаконски примил 42 илјади евра, а на неговата „партнерка“ и биле уплатени 57 илјади евра, но поради сторените злоупотреби државата ќе треба да врати 1.753.927 евра.

Од ОЛАФ информираат дека во случаите каде што се евидентни злоупотребите, списите на случајот се предаваат на релевантните органи за спроведување на законот од соодветните земји за покренување кривични истраги. Сепак, истрагата на ОЛАФ не секогаш резултира со пронаоѓање на виновниците, бидејќи постојат различни практики на давање препораки, велат од ОЛАФ.

Исто така додаваат дека постои јасна корелација помеѓу напредокот на една земја во нејзината европска кандидатура и бројот на иницирани истраги. Од канцеларијата велат дека колку повеќе се приближува една земја до членство во Европската Унија (ЕУ), толку повеќе се зголемуваат европските фондови, а следствено, се зголемува можноста за злоупотреби. Вели дека знае за истрагите на ОЛАФ, не ги коментира но очекува реакција од домашните институции.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

СДСМ со повик за лидерска средба за стабилност

Прес-конференција na Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ Почитувани граѓани, Нашето општество се соочува со исклучително …