Во изјава што на телевизија ја прочита полковникот Амаду Абдрамане се вели дека „одбранбените и безбедносните сили одлучиле да стават крај на режимот“ во Нигер.
„Сите институции“ во земјата ќе бидат суспендирани „до понатамошно известување“, границите ќе бидат затворени и ќе биде воведен полициски час, најави Абдрамане во присуство на уште девет воени лица во униформи. Во име на „Националниот совет за заштита на татковината“ (ЦНСП), тие како причина за пучот ја наведоа влошената безбедносна ситуација, слабата економија и начинот на владеење на Базум.
Како што се вели, претседателската гарда претходно го уапсила шефот на државата во неговата официјална резиденција во главниот град Ниамеј. Од кругови блиски до Базум се вели дека пучот е „осуден на пропаст“.
Според медиумски извештаи, во центарот на Ниамеј се собраа демонстранти кои сакаа да му изразат поддршка на шефот на државата. Некои се обидоа да стигнат до официјалната резиденција на претседателот, но беа растерани со предупредувачки истрели од претседателската гарда, јавува агенцијата АФП.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш остро ја осуди „неуставната промена на власта“. Генералниот секретар е „длабоко вознемирен“ од апсењето на претседателот Базум, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик.
Американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен го осуди обидот за државен удар и повика на „итно ослободување на шефот на државата“. Економската заедница на Западна Африка (Ековас) исто така го осуди обидот за државен удар и повика на итно и безусловно ослободување на Базум. Европската унија ја дели оценката на Ековас, објасни шеф-дипломатот на ЕУ, Жозеп Борел на Твитер. „Нигер е важен партнер на Европската унија во Сахел, чија дестабилизација не би му била никому во интерес“, напиша Борел.
„ЕУ го осудува секој обид за дестабилизација на демократијата и поткопување на стабилноста на Нигер“, напиша Борел.
Според германското Министерство за одбрана, војниците на Бундесверот стационирани во Нигер се безбедни. „Добивме повратни информации дека нашите војници се безбедни – тоа е најважно за нас“, рече портпаролот на Министерството за одбрана. Во мај, Бундестагот му даде мандат на Бундесверот да учествува во воената мисија на ЕУ – ЕУМПМ Нигер. Според Министерството за одбрана, во моментов во мисијата се вклучени околу десетина војници на Бундесверот.