Претставниците на ДУИ велат дека изборот на шефот на државата во Собранието бил модел за парламентарна демократија. Фактите се поинакви.
Пишува: Љупчо Поповски
Нема тука ништо спектакуларно, ниту политички грешно. ДУИ преку сите оружја, а албанската опозиција поумерено, ја фрли во политичкиот ринг новата коска за глодање – претседателот на државата да се избира во парламентот. Се разбира, тоа не е нова идеја, нов е само интензитетот со кој се промовира.
Има тука од сѐ по нешто, во некој сегмент повеќе, во друг помалку. Прво, една работа треба да ѝ се признае на ДУИ – дека умее да наметне наратив во општествениот дискурс. А јавноста да се занимава повеќе од што изгледа дека заслужува тој наратив.
Се сеќавате кога во јуни 2021, неколку месеци пред локалните избори, трагајќи по нов избор за реинвентирање, ДУИ објави дека се свртува кон зелената агенда? Па дури Али Ахмети тогаш се обрати на македонски јазик: „Денес е ден на животната средина. Исполнет е Охридскиот договор, интеграција во НАТО, правична застапеност. Се изградија училишта, болници, театри. Време е ДУИ целосно да се фокусира на животот. Зелената агенда станува дел од ДУИ“. Зелени балони, зелена сцена, зелено пано на бината во Градскиот парк во Скопје. Тоа беше толку неопходно тогаш за локалните избори, па сепак, партијата не успеа да ги добие двата клучни града, Тетово и Гостивар. Оттогаш таа остана во фасциклите и албумите со фотографии.
Приказната за прв Албанец премиер почна по изборите во 2020 година, кога Зоран Заев, ковајќи го мнозинството за новата влада, се согласи во последните три месеци од мандатот кадар на ДУИ да го води кабинетот. Не беше тоа ништо специјално, ниту драма од која може да се разнишаат темелите на поредокот. А ДУИ не пропушташе да го споменува тој договор секогаш и кога треба и кога не е неопходно. Еве го Талат Џафери сега како технички премиер.
Премиерот Џафери не е оној Џафери од Собранието
Изгледа изненадувачки за многумина, но Џафери не е оној Џафери од Собранието. Во оваа улога преовладувачкиот впечаток е дека не се снаоѓа, дека повеќе се грижи за рејтингот на партијата, речиси секојдневно крстарејќи ги општините каде има голем број албански гласачи. За еден месец отиде во Брисел да разговара со челниците на Европската унија, беше на Минхенската безбедносна конференција, на самитот на Југоисточна Европа со Украина во Тирана… За гласањето со истечени документи дава контрадикторни изјави во рок од само два дена. Неговите претходници на ваквата функција, Емил Димитриев и Оливер Спасовски, беа повнимателни и повоздржани во промовирањето на партиските агенди. Џафери како да не сака да биде повнимателен, неговата агенда е повеќе изборна. И веќе почна да си го подјадува угледот и реномето кое го стекна вo шесте и пол години како собраниски спикер.
Тоа е за мизансценот. Сега за она што е главната порака на ДУИ и нејзиниот кандидат за претседател, Бујар Османи. Никој не рекол дека во промовирањето на една идеја за време на избори не треба да се кажуваат полувистини, да се премолчуваат вистини, или да се кажуваат погрешни нешта. Во која држава и во која кампања не се случува тоа? Тешко дека би можело да се најде нормална демократија каде работите во кампања одат по една фина лента, каде работите се зборуваат како кога со бели нараквици мнимателно се фаќа скапоцен сребрен предмет.
Дали тврдењата за избор на претседател во Собранието со двотретинско мнозинство и со Бадентер би биле навистина висок дострел во македонската демократија, како што тврди во неколку интервјуа Османи? Се разбира дека не е. Изборот на македонскиот претседател е најважното нешто каде што граѓаните, сите граѓани, го имаат последниот збор, а не партиските структури. Без оглед што кандидатите се на партиите, па макар тие формално и не биле нивни членови. Еден кандидат мора да ги прескокне партиските меѓи за да може да биде избран за претседател. Во македонската политика тоа е вистинската убавина. И така избран може да има независен глас, онолку колку што му дозволуваат ингеренциите и онолку колку што тој сака, или онолку колку што не сака.