Скандали со јавните набавки: Системскиот лифт кон бездната

Скандали со јавните набавки: Системскиот лифт кон бездната

Фирма од Скопје, со фалсификувани сертификати, во периодот од 2018 до 2022 година добила најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции.

Фирма од Скопје, со фалсификувани документи, ИСО сертификати и потписи, конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година има добиено најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции. Случајот е откриен откако е поднесена пријава во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), откако фирмата пробала, но не успеала да добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје. Антикорупционерите бараат скопското обвинителство под итно да ја разгледа иницијативата за овој случај, а испратија и известување до Владата за да ги предупредат за фирмата со лажни сертификати.

Злоупотребата, според антикорупционерите, се одвивала на тој начин што фирма – фантом ги правела фалсификатите, кои наводно биле издадени од хрватска фирма, а фирмата за лифтови ги користела фалц документите за да конкурира и да го добие тендерот. „Јавниот обвинител преку своите истраги, треба да утврди дали и другите 90 тендери се добиени со истите фалсификувани сертификати“, вели Владимир Георгиев, член на ДКСК.

Оваа фирма била поврзана уште со две други фирми од Скопје, кои исто така работат на монтажа, сервисирање и одржување лифтови, на тој начин што управителот на фирмата е вистински сопственик на двата други трговски субјекта.

Според Георгиев, постои системска слабост во системот за јавни набавки. Комисијата за јавни набавки или кој било државен орган нема обврска да ја проверува автентичноста односно валидноста на ИСО сертификатите. Токму ваквата слабост била искористена од страна на фирмата.

„Групата ја знаела слабоста на актуелниот закон. Замислете која е опасноста, со лажни сертификати за лифтови, животи се во прашање“, укажуваат анктикорупционерите.

Законот или нечесноста е проблем? 

Проблемите со јавните набавки во Северна Македонија се провлекуваат со години наназад. Невладините организации кои ја следат оваа проблематика во повеќе наврати алармираа дека за договори во четири очи, како и за итни договори и тендери со еден понудувач беа особено чести за време на пандемијата. Според експертите, со непочитување на начелата на конкурентност и економичност јавните пари се трошат нерационално и постои ризик од корупција.

Nord-Mazedonien Staatskommission für KorruptionbekämpfungЧленови на Антикорупциската комисија

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој долги години врши мониторинг врз трошењето на јавните пари, за ДВ вели дека проблемите во јавните набавки се повеќе во луѓето и нивната (не)чесност и интегритет, отколку во законот.

„Законот не може да пропише сѐ, но затоа постојано укажуваме дека секоја институција мора да изработи и применува интерни правила за јавните набавки во кои треба да се опфатат сите ‘непокриени’ делови со законот, оние кои се ризични за корупција и во кои има простор за донесување дискрециски одлуки. Така ќе се стесни просторот за манипулации и за лесно ‘местење’ на тендерите“, вели Филков.

На изработка на вакви интерни процедури, институциите се обврзани и со Планот на Владата за борба против корупција.

Системски слабости 

Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска препорачува институциите, иако немаат обврска, да ги проверуваат лиценците со цел да се избегнат злоупотреби.

Филков пак, вели дека ако некаде во постапката за јавна набавка се утврди дека постои висок ризик од корупција, тогаш во интерниот акт може да се пропише обврска за поголема будност и контрола во тој дел. Таков би бил случајот, на пример, и со проверка на веродостојноста на одредени сертификати, потврди и сл.

-повеќе на темата: Ни во криза, за тендерите нема криза

„Комисиите за јавни набавки не би можело да ја проверуваат веродостојноста на сите документи во постапката, прво поради тоа што членовите не се стручни за тоа, а второ бидејќи тоа ќе значи големо продолжување на траењето на тендерските постапки. Исто така, мерки можат да преземат и другите истражни органи во земјава, со засилени контроли, бизнис асоцијациите со јавно објавување регистри на фирми кои поседуваат одредени сертификати, итн.“, вели Филков.

Проблемот не е едноставен, оттука и решенијата се повеќеслојни, но сепак се можни.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Ковачевски: Како што Делчев и Илинденците не се откажале, така и ние не треба да се откажеме од борбата за подобра Македонија

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, испрати порака со оддавање почит и слава …