По повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, во присуство на градоначалникот Илија Јованоски и претседателката на Советот на општина Прилеп, Еленче Ташкоска, денеска на јарболот пред зградата на Општина Прилеп беше подигнато ромското знаме.

Потенцирајќи го значењето на граѓаните од ромската етничка заедница во градењето мултикултурни и мултиетничко општество, градоначалникот Јованоски истакна дека Општина Прилеп ги почитува традицијата и културното наследство на Ромите, притоа негувајќи ги хуманоста, еднаквоста и солидарноста, вложувајќи максимални напори за создавање услови за нивен подобар живот.

Честитајќи го 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, градоначалникот Илија Јованоски, до сите граѓани на општина Прилеп упати уште една порака за доследно почитување на мерките и препораките за заштита од ковид-19, што е најдобриот за заштита на нашето, но и здравјето на нашите најблиски.

Годинава се одбележуваат 50 години од првиот Светски ромски конгрес, кој на 8 април 1971 година се одржал во Орпингтон, во близината на Лондон, кога активисти од Европа ги потврдиле ромското знаме, химна, јазик, култура и ромскиот идентитет на повеќе од 12 милиони Роми во Европа.