Средба на претседателот Пендаровски со сер Стјуарт Пич, Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими сер Стјуарт Пич, Специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан.

Претседателот Пендаровски изрази задоволство од посетата на специјалниот претставник Пич набрзо по неговото именување на функцијата во декември 2021 година. Посетата, како што оцени претседателот, е потврда за посветеноста на Обединетото Кралство за одржување на стабилноста и просперитетот на регионот.

Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во земјава и регионот, како и можностите за соработка со Обединетото Кралство за темите од заеднички интерес, поврзани со стабилноста и безбедноста, како и зајакнувањето на институтциите во борбата против организираниот криминал и високата корупција. 

На средбата се разговараше и за прашањата поврзани со членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и тековниот дијалог со Република Бугарија. Претседателот Пендаровски го информираше сер Стујарт Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог и подвлече дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан.

Соговорниците, меѓу другото, разговараа и за одличната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и можностите за зајакнување на соработката меѓу двете држави и за обезбедување натамошна британска поддршка во повеќе области и форми.

Прочитајте повеќе

Одбележан Меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Во рамки на одбележувањето на овој ден, во Институтот за македонски јазик ќе бидат презентирани …