Српското обвинителство во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе направи сè за да ги открие и гони лицата кои го предизвикаа насилството во саботата за време на прошетката на Европрајд, порача обвинителот во Белград, Ненад Стефановиќ, пренесе Н1.
„Посебно нагласувам дека обвинителството ќе ги насочи сите расположливи капацитети за утврдување на сите релевантни околности за нападот врз припадниците на Министерството за внатрешни работи, нападите и заканите насочени кон новинари, како и поединечни учесници на „ Европрајд“, порачал Стефановиќ.
Од обвинителството нагласуваат дека во соработка со Министерството за внатрешни работи ќе работат на откривање и процесуирање на лица кои извршиле акти на насилство.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин во саботата навечер изјави дека во немирите се повредени 13 полицајци, а оштетени се пет полициски возила. Тој ги посети повредените полицајци во болница и рече дека белградската полиција покажала дека не се плаши од „притисоци или хулигани“.
Прошетката се одржа со силно полициско обезбедување и спорадични инциденти со десничарските активисти. Организаторите на прошетката на Европрајд се соочија и со големо противење од ултрадесничарите, но и од Српската Православна Црква.
Меѓународниот настан посветен на правата на ЛГБТ+ заедницата „Европрајд“ кој годинава се одржа во Белград, заврши со концерт на Ташмајдан, каде штафетата ѝ беше предадена на Малта, следниот организатор на овој настан.
На прошетката која се одвиваше по изменета рута која, од Уставниот суд до блискиот парк на Ташмајдан, каде што се одржа концертот, според организаторите, учествувале речиси 10.000 луѓе. На парадата ѝ претходеа неколку инциденти и судири меѓу противниците на Прајд и полицијата.
Со пластично шише е удрен камерманот од Н1, се заканувале на новинарската екипа од Н1, како и на новинарот и снимател на Танјуг. Премиерот соопшти дека се приведени 64 лица, а во обезбедувањето на собирите и градот биле вклучени околу 5.200 полицајци.
Српското МВР соопшти дека се повредени 13 припадници на полицијата. Пред насобраните, непосредно пред прошетката се обрати еврокомесарот Владимир Билчик. На прошетката учествуваа претставници од амбасадата и еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали, а одлуката е донесена откако претставници на меѓународната заедница добија безбедносни гаранции од Владата, потврдија за Н1. Пречките и проблемите со кои се соочува Еуропрајд ќе бидат дел од следниот извештај за Србија, изјави претходно N1, известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик.