Стан и дел од подрум - толку имот замрзнала Црна Гора од воведувањето санкции против Русија

Стан и дел од подрум – толку имот замрзнала Црна Гора од воведувањето санкции против Русија

Во Црна Гора живеат голем број руски државјани. Според статистичките податоци, тие поседуваат околу 19 000 недвижности ширум земјата. Црногорските власти минатата година ги измамиле европските функционери дека ги замрзнале имотите на 34 руски државјани кои се на списокот на санкции на Европската Унија.

Поранешниот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ во јуни минатата година објави дека властите, следејќи ја европската политика, ги замрзнале недвижностите на санкционираните Руси.

„За 44 недвижности, Управата за катастар донесе решенија за ограничување на располагањето со имот во Црна Гора. Тоа се однесува на 34 руски државјани кои се санкционирани“, рече Аџиќ.

Четири месеци подоцна, информацијата се најде и во годишниот извештај на Европската комисија за Црна Гора.

Но, факт е дека замрзнатиот имот е на само еден Русин, потврдија од Дирекцијата за катастар и државен имот за Радио Слободна Европа (РСЕ).

РСЕ не доби коментар од Делегацијата на ЕУ во Подгорица во врска со спорната објава.

Инес Мрдовиќ од Акцијата за социјални права за РСЕ оценува дека за овој пропуст се одговорни црногорските институции. „Несоодветно е да и давате на ЕУ еден вид информации што не соодветствуваат со ситуацијата на терен“, посочува Мрдовиќ.

Руската инвазија на Украина започна во февруари 2022 година, а во април, по неколку одложувања, Владата на Црна Гора се приклучи на санкциите на ЕУ, кои вклучуваат замрзнување на имотите на руските граѓани и компании од списокот.

Прво го забраниле располагањето со имотот, па извршиле проверка на идентитетот

Од Управата за катастар за РСЕ појаснуваат што се случило откако пристигнала листата на Руси кои биле под санкции на ЕУ.

Како што соопштија за РСЕ, списоците содржеле имиња и презимиња, додека за само дел од нив го имало и датумот на раѓање. Тие објаснуваат дека единствените критериуми за пребарување биле имињата и презимињата.

„Донесени се решенија за одреден број лица чии имиња и презимиња е утврдено дека се поклопуваат за забрана на располагање со имот, поради ризик од отуѓување и оптоварување на недвижен имот“, велат од Управата за РСЕ.

Оттаму објаснуваат дека дури потоа почнала проверката на идентитетот на лицата, која пак покажала дека дури 33 од 34 лица не се на списокот со санкции, туку имаат само исто име и презиме.

По утврдувањето на грешките, Управата извршила „исправка на решението“.

Од Управата решиле итно да го замрзнат имотот, пред да го проверат идентитетот, за да не се продава недвижноста на „санкционираните“.

Министерството за внатрешни работи на Црна Гора повеќе од две недели не одговори на прашањето зошто изнесуваа неверодостојни податоци и со тоа ја доведоа во заблуда целата јавност и ЕУ.

Информациите за замрзнување на имотот потоа ја пренесоа и бројни медиуми од регионот.

Баширов е единствен чиј имот е замрзнат

Управата не го соопшти името на лицето чиј имот е замрзнат, но според увидот во документите, се гледа дека се работи за Марат Баширов, поранешниот премиер на самопрогласената Народна Република Луганск.

Проруските сепаратисти во неколку региони, вклучувајќи го и Луганск ја отфрлија украинската влада во 2014 година и се самопрогласија како независни „народни републики“, кои не се меѓународно признати.

Во одлуката за воведување санкции се наведува дека Баширов е одговорен за сепаратистичките „владини“ активности на таканаречената „влада на Народна Република Луганск“.

Баширов поседува помал стан од 33 метри квадратни во населбата Бечиќи во Будва. Покрај тоа, тој има и нестанбен простор од 128 метри квадратни во сопственост со уште неколку лица.

Инаку, Во Црна Гора живеат голем број руски државјани. Според статистичките податоци, тие поседуваат околу 19 000 недвижности.

Недвижности на Руси во Црна Гора

Руските граѓани имаат недвижен имот во 13 црногорски градови, од кои 98% се на брегот.

Меѓу оние кои поседуваат недвижен имот се и олигархот Олег Дерипаска и главниот обвинител на Москва Денис Попов, кој беше лично именуван со указ на рускиот претседател Владимир Путин.

Имотот се води на компании поврзани со нив или членови на нивните семејства.

На ЕУ да и се дадат целосни и точни информации

Инес Мрдовиќ за РСЕ оценува дека целиот процес не бил доволно транспарентен , ниту кон граѓаните ниту кон европските партнери.

„Ние влегуваме во ситуации кога едни велат едно, а други друго. А потоа се прашувате што е всушност точно. Во секој случај, многу е лошо што на европските партнери не им се даваат целосни и точни информации“, посочува Мрдовиќ.

Во октомври годинава, Европскиот парламент усвои резолуција за Црна Гора. Во резолуцијата се поздравува почитувањето на санкциите против Русија од страна на Црна Гора.

Сепак, загриженост се изразува поради фактот што во Црна Гора се населуваат голем број руски граѓани, меѓу кои и олигарси.

„Ги повикуваме црногорските власти да се погрижат земјата да не стане центар за компании и поединци кои сакаат да ги заобиколат санкциите“, се наведува во резолуцијата.

Овогодинешниот извештај пак на Европската Комисија за напредокот на Црна Гора објавен на 8 ноември, покажа дека земјата има уште многу да напредува, посебно во делот на владеењето на правото.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Ковачевски: Гласот за ДПМНЕ носи само меѓуетнички тензии, заробени медиуми, замолчени граѓани

Давањето преголема моќ на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ може да донесе само разгорување на …