Стартот на Олимписките игри во Токио неизвесен до последен момент

Стартот на Олимписките игри во Токио неизвесен до последен момент

Извршниот директор на Олимписките игри „Токио 2020“, Тоширо Муто, не ја исклучува можноста за откажување на игрите во последен момент поради зголемениот број случаи на ковид-19, извести „Си-ен-ен“.

Вчера беа пријавени над 1.300 нови случаи на ковид-19 во Токио, што претставува второ највисоко дневно зголемување на бројот на нови случаи во градот од 21 јануари.

Бројот на случаи во Јапонија кои се поврзани со Олимпијадата во моментов изнесува над 70, откако спортистите почнаа да пристигнуваат во оваа држава пред отварањето на Олимписките игри во петок.

Селекторот на чешката репрезентација во одбојка на песок е третиот член на чешкиот олимписки комитет со позитивен тест на корона вирус. Сите три членови го напуштиле селото и се изолирале.

Запрашан дали најзначајниот спортски настан на светот сепак може да биде откажан, Муто изјави дека ќе внимаваат на бројот на нови заразувања.

„Не можеме да предвидиме како пандемијата ќе изгледа во иднина. За тоа што да правиме во случај на зголемување на бројот на позитивни случаи, ќе разговараме соодветно доколку тоа се случи“, изјавил Муто за време на вчерашната прес-конференција.

Тој додаде дека заедно со Меѓународниот олимписки комитет, Организаторскиот комитет на Токио 2020, јапонската влада, градските власти во Токио и Параолимпискиот комитет ќе ја следат состојбата со корона вирусот и доколку има потреба, ќе донесат нови одлуки.

Главниот град на Јапонија е среде вонредна состојба поради корона вирусот, која треба да заврши на 22 август, па поради тоа на натпреварите во Токио нема да присуствуваат гледачи. Здравствените експерти во Токио велат дека и покрај тоа што спортистите, новинарите и делегатите треба да бидат изолирани во „меур“, очигледно е дека постои некаква интеракција помеѓу нив, посетителите и локалното население.

Токио треба да прими околу 11.000 спортисти од над 200 земји, но не сите ќе бидат сместени во Токио за целото времетраење на Олимпијадата. Организаторите порачаа дека се очекува атлетичарите да пристигнат во Олимпиското село пет дена пред нивното натпреварување, а да заминат најмногу два дена потоа.

Свеченото отворање на Олимписките игри „Токио 2020“ е предвидено да се случи во петок, но сè уште е нејасно колку луѓе ќе бидат дел од него.

Генералниот директор на Светската здравствена организација, кој во моментов е во Јапонија, порача овие Олимписки игри да бидат „извор на надеж и единство за да се постигне еднаквост во вакцинирањето и да се стави крај на пандемијата“.

 

Меѓународниот олимписки комитет едногласно ја донесе одлуката за вклучување на зборот „заедно“ во олимпиското мото, кое сега гласи „Побрзо, повисоко, посилно – заедно“ (Faster, Higher, Stronger – Together).

„Промената во мотото е за да се прилагоди на нашето време“, изјавил претседателот на МОК, Томас Бах.

Инаку, осуммина спортисти се дел од македонскиот тим кој ќе ја претставува нашата држава на „Токио 2020“: Дејан Георгиевски (таеквондо), Миа Блажевска Еминова и Филип Дерковски (пливање), Јован Стојкоски (атлетика), Арбреша Реџепи (џудо), Борјан Бранковски (стрелаштво), Пулексенија Јовановска (карате) и Магомедгаџи Нуров (борење).

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

Дијаспората ќе гласа само на претседателските избори, бидејќи не е исполнет условот за тоа да …