Странски наставници во посета на Скопје: Децата сè помалку користат моливи и пенкала

Странски наставници во посета на Скопје: Децата сè помалку користат моливи и пенкала

Кристијан Руиз, наставник по компјутерски науки во училиштето „Јуан де Лануза“ во Сарагоза за Мета.мк вели дека иднината е во дигитализацијата и во вештачката интелигенција, а традиционалните учебници, односно пишувањето со молив/пенкало, е вештина која е сè помалку децата ја негуваат

Денешните ученици не сакаат да читаат. Не им се допаѓа традиционалниот начин на читање. Нашата главна борба се состои токму во тоа, да ги натераме да читаат книги, да читаат текстови бидејќи тие немаат трпение за читање и анализа. Анализата значи дека мора да се размисли барем неколку минути за тоа што се чита, но децата немаат време за тоа, заради сите апликации кои им се на дофат.

Ова го тврди Кристијан Руиз, наставник по компјутерски науки во училиштето „Јуан де Лануза“ во Сарагоза, кој деновиве е во посета на Скопје, заедно со уште 10 негови колеги од Шпанија, Турција и Полска. Тие се овде во рамките на Еразмус проектот, насловен како „Нови технологии за климатски промени“, а нивен домаќин е училиштето „Панајот Гиновски“ во Бутел. Наставниците присуствуваа на час во шесто одделение, на кој се учеше за климатските промени и за обновливи и необновливи извори на енергија, а потоа беа на друг час, каде што ученици им презентираа како употребата на дрон може да помогне во климатските промени.

Странски наставници во посета на Скопје: Децата сè помалку користат моливи и пенкала
Kристијан Руиз, наставник по Компјутерски науки во Сарагоса, Шпанија. Фото: Мета.мк

Роуз за Мета.мк вели дека развојот на дигитализацијата во наставата е нешто што е секојдневие за 620 ученици во училиштето „Јуан де Лануза“.

„Јас предавам Компјутерски науки и сум дел од менаџментот на училиштето. Секој ученик кај нас (имаме ученици на возраст од  3 до 18 години), има свој лаптоп и секој има Џимејл (Gmail) акаунт. Сите наставници имаат лаптопи и во сите одделенија има уреди со кои ги приклучуваат лаптопите на смарт табли. Предметот Компјутерски науки го учат сите ученици. Учат различни содржини, работиме дигитални проекти, презентации, изработка на дигитални документи, аудио, видео и т.н. Потоа, учат програмирање, како и роботика. Дигитализацијата е длабоко навлезена во нашата настава. Осум години пред пандемијата работиме на овој начин, па затоа кога почна истата, ние бевме сосема подговени да се префрлиме целосно онлајн“, објаснува Руиз.

Според него, иднината секако е во дигитализацијата и во вештачката интелигенција, а како што вели, традиционалните учебници, односно пишувањето со молив/пенкало, е вештина која е сè помалку децата ја негуваат.

„Кога се работат проекти, се прават со вештачка интелигенција, се користи и ChatGPT. Тоа е главен предивик за нас наставниците, затоа што ако сте наставник и давате домашна задача на учениците, невозможно е тие да не користат ChatGPT, со помош на кој, на пример, „сработуваат“ есеј за само неколку минути“, вели Руиз.

Во врска со вештините за пишување, Руиз додава дека учениците се сè полоши во однос на традиционалниот начин на пишување.

„Проблемот е комплексен. Овде веќе не работи само за вештачката интелигенција, туку проблемот започна уште пред многу години, со Јутуб, ТикТок. Некако сè консумираме многу брзо, па и децата. Тие немаат трпение да почитаат текст, да ислушаат аудио, да прочитаат книга. И ова е вака во речиси сите училишта во цела Шпанија“.

На оваа тема поразговаравме и со Ирмина Вејхан, наставничка по англиски јазик во државно училиште во Полска, кое се наоѓа во градот Радом.

„Кај нас со училиште се започнува од 0 одделение, кој е како подготовка за прво одделение. Дигитализацијата се развива. Во моето училиште имаме бели табли со проектори, имаме интернет конекција, а учениците ги користат своите лични телефони на час, со дозвола на наставник. Владата пред неколку години им даде лаптопи на учениците, и на нив и на наставниците. Имаме и ИКТ предмет во наставата, учат како да програмираат и кодираат, а имаат и часови по роботика“, вели Вејхан.

Странски наставници во посета на Скопје: Децата сè помалку користат моливи и пенкала
Ирмина Вејхан, наставничка по англиски јазик во државно училиште во Полска. Фото: Мета.мк

Зборувајќи за искуството со онлајн настава за време на пандемијата, таа кажа дека тој начин на учење не се покажал како добра пракса.

„Учениците не партиципираа, имаа проблеми со микрофоните. Сега имаме традиционална настава. Во подготовката на домашни задачи, децата користат вештачка интелигенција, и јас сум против тоа. Но, знам како да дознаам дали сработиле сами, ќе ги прашам кој збор што значи и ако не знаат, ќе знам дека користеле интернет“, вели таа.

За време на предавањата наставниците во Полска користеле различни онлајн алатки. Со помош на една од нив, се поставува прашање со понудени одговори, па учениците ги одговараат со нивните телефони или лаптопи.

„Имаме традиционални книги, но имаме и е-книги. Во нашата библиотека имаме 14 илјади книги. Кога се помали, учениците сакаат да читаат. Но, понатаму тоа се менува, колку постари стануваат, сè помалку читаат и повеќе се фокусирани на нивните телефони. Кај нас е дозволено тие да се користат за време на паузите. Наместо да зборуваат меѓусебе на паузите, тие седат и сè што прават е гледањето во телефони. Има многумина кои се многу зависни од нив, па им ставаме минуси за однесување, ако користат за време на час“, појаснува наставничката.

Во Полска, секој ученик добива оценка за однесување и оценка за постигањата и знаењата. Ако некој студент користи телефон пречесто и има многу минуси, тогаш оценката за однесување му е пониска и таа влегува во финалниот извештај за успехот на ученикот.

Странски наставници во посета на Скопје: Децата сè помалку користат моливи и пенкала
Наставниците од Турција, Полска и Шпанија со дел од колективот во „Панајот Гиновски“. Фото: Мета.мк

Наставниците од Турција, Шпанија и Полска ќе бидат во Скопје една недела. Директорката на „Панајот Гиновски“, Благородна Сотиров, вели дека главен координатор на овој проект е Шпанија, односно е одобрен од шпанската национална агенција.

„Ова е прва мобилност на наставници. Учениците се вклучени во локалните активности во училиштето. Тие им презентираа употреба и снимање со дрон и зборуваа за предноста на дронот и како тој може да ги спречи климатските промени. Во случајот со Стајковци, учениците рекоа дека ако имало снимки со дрон, можеби ќе можело да се спречи поплавата што таму се случи. Инаку, ваквите проекти и престои ни овозможуваат и ние како колектив да учиме од наши колеги во Европа, но и тие од нас“, вели Сотиров.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Д-р: Филипче

Д-р: Филипче: Шансите да го поправиме изборниот резултат се добри

Јас никогаш не се откажувам. Во најтешките моменти во мојата кариера, а такви имало многу, …