Студентите ќе добијат ваучери за туризам, но по изборите

Студентите ќе добијат ваучери за туризам, но по изборите

Министерството за економија го објави јавниот повик за доделување потврди – ваучери за туризам, но истиот повторно е наменет за работниците со ниски приходи, а не за студентите. Ова го отвори прашањето дали Министерството за економија се премисли во намерите мерката да важи за студентите или пак за нив ќе биде предвиден дополнителен пакет

Ваучерите за домашен туризам што за студентите ги најавија министрите за економија, Крешник Бектеши и за образование и наука, Јетон Шаќири, ќе се делат по изборите. Вака информираа од Министерството за економија по прашањето на Мета.мк за тоа што се случи со овие ваучери што беа претставени во декември по одржана средба меѓу двајцата министри и претставници на универзитетските студентски собранија.

Оваа мерка четири години ги опфаќаше работниците со ниски примања, но за годинава беше најавено оти ќе биде пренаменета за студентите кои доаѓаат од социјално ранливи семејства.

Во прилог на ова, Министерот Бектеши и министерот за образование и наука Јетон Шакири одржаа работен состанок со претставници на студентските собранија на дел од државните универзитети, со цел да се утврдат критериумите по кои ќе се доделуваат ваучерите за домашен туризам.

„Во соработка со Министерството за образование и наука донесовме одлука оваа мерка следната година да биде наменета само за студентите. Сакаме на студентите да им дадеме можност да ги посетат домашните туристички места, да ги истражат туристичките потенцијали на земјата. За оваа цел се предвидени 64 милиони денари во буџетот на Министерството за економија“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши по средбата со студентите на 7 декември 2023 година.

Бектеши тогаш кажа дека вредноста на ваучерот ќе зависи од предлозите кои ќе дојдат од студентите, а во зависност од тоа ќе се знае и бројот на студенти кои ќе бидат опфатени, иако, според првичните проценки, ќе бидат опфатени „од 3.000 до 4.000 студенти од државните универзитети“.

Меѓу другото, беше најавено и дека мерката, чија цел е „подигнување на студентскиот стандард“, треба да почне да се реализира од јануари 2024 година.

„Мерката е за поздравување бидејќи студентите во текот на своето студирање мора да ги мотивираме за да остварат подобри резултати, а со оваа мерка може да придонесеме и за туристичкиот развој на нашата земја“, кажа министерот за образование Шаќири по средбата со универзитетските студентски собранија.

И покрај ваквите најави, Министерството за економија во петокот соопшти, а потоа и го објави јавниот повик за доделување потврди – ваучери за туризам, но истиот повторно е наменет за работниците со ниски приходи, а не за студентите.

„Министерството за економија согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи во 2024 година ќе доделува потврди-ваучери за одмор на овие категории на граѓани. Јавниот повик ќе биде објавен во понеделник на 12 февруари, а сите работници кои имаат ниски приходи ќе може да аплицираат за ваучер-потврда во вредност од 18.000 денари“, обзнани Бектеши на 9 февруари, без притоа да даде какво било објаснување што се случи со најавата дека мерката ќе важи само за студентите.

Дополнително, дека Министерството за економија се премислило, укажуваа и издвоените средства. Бектеши кажа дека за мерката ваучери за туризам се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари годишно, исто колку што беа најавени дека ќе се одвојат само за студентите.

Поради отсуство на официјални информации, Мета.мк се обрати со прашања до Министерството за економија за тоа дали за студентите ќе има некаква дополнителна мерка за ваучери за домашен туризам, и доколку не, од кои причини е одлучено средствата повторно да заминат кај работниците со ниски приходи, наместо кај студентите.

Во краткиот одговор од ова министерство одговорија дека Програмата за доделување ваучери за туризам за студентите е „ставена во планот“ и оти истата ќе се реализира по спроведувањето на изборите.

„Програмата за доделување на потврди-ваучери за туризам за работници со ниски приходи која беше објавена е предвидена во Буџетот за 2024 година и истата се реализира согласно предвидените средства. Програмата за доделување на ваучери за туризам за студенти е ставена во планот на Министерството за економија и истата ќе се реализира по спроведувањето на изборите“, се вели во одговорот на Министерството за економија.

Во меѓувреме, право на учество на јавниот повик што беше објавен за работниците со ниски примања имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

изјава министерство за здравство

За момчињата и девојчињата од следниот месец ќе биде достапна деветовалентна вакцина против ХПВ

Целта е младите да се вакцинираат пред да бидат изложени на ХПВ ризикот. Се проценува …