Пишува: Зоран Милошески
„Постојат моменти во политиката кога нацијата мора да ја лекувате против нејзината волја. Оти има нации кои повеќе ги сакаат своите болести, отколку своите лекари“.
Александар Тијаниќ
Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на САД во Македонија:
- Тим за санкции од Вашингтон е тука да преземе поагресивен пристап кон минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни постапки. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги, гонење, за да се покаже дека никој не е над законот. Корупцијата доведе до она што јас мислам дека е вистинска катастрофа за оваа земја и што толку голем број млади луѓе не сакат да останат“.
Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Македонија:
- Оваа земја е на крстопат: мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата, или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе“.
Метју Лосон, амбасадор на Велика Британија во Македонија:
- Корупцијата во Северна Македонија се влошува, не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции“.
Кога со ваков „недипломатски“ речник, тројца амбасадори од највисок ранг ќе искажат официјален став за состојбата со корупцијата во нашата држава, тоа значи дека не ни чини работата. А кога, пак, на сето ќе се додаде доаѓањето на тим за санкции од САД со задача да ја сузбие корупцијата, тоа е веќе сериозен сигнал дека нашиот проблем станал сериозна закана во пошироки рамки.
Корупцијата не е рак-рана само на оваа, туку и на сите претходни Влади во независна Македонија, вклучително и на онаа првата, експертската.
Веројатно најеклатантен пример за корумпираноста на извршната власт беше она што го слушнавме во еден од незаконски прислушуваните разговори, во кој Грујо и Миле Јанакиески договараа провизија од „жутите“, односно од кинеската фирма за изградба на автопатите, во висина од 25 милиони евра.
Меѓутоа, без разлика што токму Владата на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ претставуваше синоним за криминал и корупција, сепак не може да се каже дека со нивното заминување од политичката сцена завршија сите матни работи во државата. Впрочем, ако беше така, изјавите на тројцата амбасадори ќе беа кажани во сосема друг контекст.
Од друга страна, кога зборуваме за корупција, сосема е погрешно прстот да го впериме само кон станарите на „Илинденска“. Напротив.
Корупцијата ја има во секоја пора, во секој делче од нашето општество: во законодавната, извршната и судската власт, во Општините, јавните претпријатија, медиумите, образовните и здравствените институции, политичките партии… Дури и таму, каде што никогаш не сме можеле да претпоставиме дека може да ја има, ја има.
Најавите од странските центри со најголема политичка моќ за нивно директно вклучување во пресметката со корупцијата, од една страна претставуваат зрак на надеж дека на ова лудило му се ближи крајот.
Но, од друга страна, доколку резултатот од работата на американскиот тим за санкции се сведе на констатирање на состојбата и ставање на политички и бизнис маргиналци на некакви „црни листи“, тогаш санкционерите поарно ич нека не се мачат и нека не почнуваат со работа!
Оти, се изнаслушавме наши, домашни декларативни заложби за чистки и пресметки со организираниот криминал и корупцијата.
Јавноста сака да види како политички, бизнис и „капиталци“ од разни други сфери, чии имиња гласно се шепотат, седнуваат на обвинителните клупи. Како ним, во брза и транспарентна судска постапка, на основа на докажана вина им се изрекуваат пресуди со ефективни затворски казни. Како им се конфискуваат имотите и им се одзема се’ што украле, а бројчаникот на „Триумфалната капија“ континуирано ги врти бројките кои покажуваат колку од украдените пари се вратиле во буџетот.
Дилемата од ефектот од работата на американскиот стручен тим е уште поголема, знаејќи на кое дереџе се обвинителствата и судовите: кои се луѓето кои треба да бидат директни егзекутори на криминалците, каква е нивната стручност и капацитетност, постојат ли конекции и испреплетени интереси со оние кои треба да ги испратат во казнено-поправните установи…?
Ако судиме според она што го сработија во периодот од падот на злосторничкото здружување до денес, сомнежите дека ќе се крене многу врева за ништо, се сосема основани. Стотици поранешни функционери од вториот и третиот владин ешалон, градоначалници со 2 или 3 мандати, директори на државни институции, ја купија својата слобода од корумпираното правосудство.
Од тие причини, за сузбивање на корупцијата не ни е доволен само американскиот тим за санкции. Нам, како општество, очајнички ни е потребна „казнена експедиција“ од странски обвинители и судии, кои ќе ја промешаат и ќе ја исчистат засмрдената бара полна крокодили.
Дури и на лаиците за оваа област, познати им се двете основни непишани правила:
1. Следете ја трагата на парите;
- Видете кој во државата не живее од плата.
За почеток на големата чистка, тоа е и повеќе од доволна трага.