Тренчевска: Штрајкувачите ќе добијат само пари за придонеси

Тренчевска: Штрајкувачите ќе добијат само пари за придонеси

На оние кои штрајкуваат во школите и градинките ќе им бидат исплатени само придонеси, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. Министерката вели дека тоа не значело дека врз вработените се прави притисок да го прекинат штрајкот, туку, како што вели, тоа е само почитување на законите и Колективниот договор.

Синдикатот на образованието, науката и културата штрајкува во школите и градинките од 11 април, со барање за поголеми плати.

„Во Колективниот договор за детска заштита за градинките кои се во надлежност на МТСП, убаво е дефинирано што треба да се прави во случај на штрајк и што е должен да направи работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк работодавачот е должен да исплати придонеси на сите оние работници кои штрајкуваат на најниската основица за исплата на придонесите. Следниот член – 241 дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата за сите оние работници кои штрајкуваат. Затоа сметам дека се работи само за почитување на законите, а не за какви било притисоци или уцени од страна на МТСП врз вработените во градинките кои штрајкуваат“, рече министерката Тренчевска по посетата на градинката „Орце Николов“ во Општина Карпош.

Владата понуди платите на вработените да им бидат зголемени за 10 проценти. Со друго зголемување, вели министерката може да се предизвикаат несакани инфлаторни проблеми во државата.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изјави дека очекува СОНК да го прифати зголемувањето од 10 проценти, за што ќе се обезбедат пари со ребаланс на Буџетот. Шаќири смета дека ако причината за одбивањето на 10-те отсто покачување е во тоа што биле усно ветување, сега понудата е во пишана форма во првиот заклучок од вчерашната седница на Владата.

За денеска е закажана седница на Советот на СОНК на која, како што најави претседателот на овој синдикат Јаким Неделков, ќе биде донесена одлука во врска со предлогот на владата за зголемување на платите од 10 отсто со цел да биде прекинат штрајкот во образованието.

Прочитајте повеќе

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Од ОБСЕ/ОДИХР велат дека гласачите имале простор за избор, но реториката станала многу негативна како …