Труењето и криволовот ги истребија дивите животни, но во земјава и понатаму нема ниту една казна за еколошки криминал

Труењето и криволовот ги истребија дивите животни, но во земјава и понатаму нема ниту една казна за еколошки криминал

Труење, криволов или недозволена трговија се меѓу главните закани за дивиот свет во земјава. Египетскиот мршојадец и балканскиот рис се на работ на истребување, а и мечките, волците, лисиците или шакалите не се под помала закана. Сепак, и покрај тоа што ова се едни од главните причини за десеткувањето на полулациите на најзагрозените животни во земјава, еколошкиот криминал и понатаму нема ниту еден документиран судски случај, ниту пак е изречена казна за убивање диво животно.

Египетскиот мршојадец кој е глобално загрозен вид и се соочува со истребување на целата планета во С. Македонија има само 12 гнездечки пара. Белоглавиот мршојадец има само седум, а црниот и брадестиот одамна се истребени. Не се подобри ниту бројките со балканскиот рис, кој во моментов се проценува дека има околу триесетина возрасни единки. Големината на полулациите низ годините постојано опаѓа, а причината за тоа се повеќе фактори.

„Најголемата закана за египетскиот мршојадец е труењето, не само од отрови расфрлани од несовесни луѓе, туку и од ветеринарни препарати со кои се третираат домашни животни, од олово со кое се застрелани животни, потоа закана е и електрификација од далноводи кои не се изолирани, намалена достапност до храна или губење на живеалиштата. Огромна опасност е и трговијата со птици и крадењето јајца од гнездата“, вели Ненад Петровски од Македонското еколошко друштво, организација која долги години работи на проекти за заштита на најранливите диви животни.

На настанот посветен на вмрежување на државните институции и граѓанските организации во борбата со еколошкиот криминал, организиран од МЕД, Петровски истакна дека во земјава се евидентирани 44 случаи на труење на грабливи птици, во кои речиси никогаш не настрадала само една, туку голем број единки. Во последниот случај, во ноември минатата година, кај нас беше избегнато масовно труење на 18 мршојадци и еколошка катастрофа на уништување на птици кои гнездат по целиот Балкан. Овој случај нема разврска, виновникот за растурањето отров не е најден, ниту пак казнет.

„Имаме многу недостатоци во постапувањето кај криминалот со дивите животни. Во земјава не постои стандардна процедура за постапување, а екологистите се тие кои најчесто ги откриваат, ги документираат случаите и ги бараат и алармираат институциите. Тие пак немаат искуство во постапување со еколошки криминал, дивите животни често не се ни гледаат како жртви, немаат протокол на излегување на терен ниту за собирање на докази. Многу често ние активистите самите транспортираме отруени животни до лабораторија, што никако не е процедура ако сакаме некој случај да има разрешница на суд. Јавното обвинителство речиси никогаш не дава наредба за отпочнување на постапка, кривичните пријави се само за непознат сторител, па досега немаме никој казнет. Оваа институција не се отповика ниту на нашите покани за соработка на денешниот настан“, вели Петровски.

Криволовот е најголемата закана за балканскиот рис. Во последните години 14 рисови настрадале од човечка рака, два во несреќа на пат и само еден од болест. Програмата за закрепнување на балканскиот рис на Македонското еколошко друштво трае од 2006 година, но и покрај сите напори бројот постојано опаѓа.

„Најмалку еден до два риса годишно се цел на криволовци, што е многу бидејќи ги има само уште триесетина“, вели Диме Меловски од МЕД и посочува дека иако се најстрого заштитени, овие животни препарирани или само нивните крзна можат да се видат изложени во познати ресторани и хотели низ земјата.

Покрај криволовот едни од најголемите закани за опстанокот на рисот се и прекумерниот лов на срната, зајакот и дивата коза кои се неговата главна храна, но и дивите кучиња кои му го јадат пленот.

Проблемите со еколошкиот криминал кон дивите животни се присутни на целиот Балкан и во Европа. Димитар Градинаров, од бугарското здружение за заштита на птиците, сподели искуства од оваа земја за два документирани случаи каде се откриени сторителите и добиле судска завршиница. Се работи за странски и бугарски државјани кои имале мрежа за кражби на јајца од гнезда и организрале трговија на заштитени птици низ целиот Балкан, но и кон ЕУ. Тој посочува дека и во оваа земја овој тип на криминал не е приоритет кај институциите, а и истражителите и судскиот систем немаат доволно искуство во постапувањето.

„Нелегалната трговија на диви животна вреди милијарди“, вели Гај Шорок од Кралското здружение за заштита на птиците од Англија и додава дека се работи за глобален проблем кој многу земји се обидуваат да го решат.

„Секоја година одржуваме конференција посветена на кривичните дела врз живиот свет и имаме национална единица за криминал врз дивиот свет која има 18 обучени вработени кои работат заедно со царинските власти и полицијата. Посебен тим за откривање на нелегалната трговија со диви животни работи и на аеродромот Хитроу. Велика Британија има и специјализирани правници кои се занимаваат со овој специфичен криминал, а дел сме и од Европската мрежа на обвинители на еколошки криминал“, посочува Шорок.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Македонија

Љупчо Палевски – Палчо со авион екстрадиран во Македонија