Твитот споделен во постот е од лажен профил којшто го злоупотребува идентитетот на министерот Оливер Спасовски. Истиот повеќе не е активен поради пријави од Твитер заедницата дека е лажен. И од Министерството за внатрешни работи за Вистиномер велат дека станува збор за лажен Твитер профил од кој бил споделен овој твит. Официјалниот Твитер профил на министерот Спасовски може да се пронајде на следниот линк, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува скриншот од лажен, невистинит твит, за кој се вели дека доаѓа од Твитер сметката на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што не е случај. Во лажниот твит, претставен како да е од Спасовски пишува:
На следната седница на Влада, освен измените во КЗ во делот на родово насилство ќе биде ставена точка на дневен ред и околу ваквиот говор на омраза кон граѓаните кои се осеќаат како Северномакедонци и кои веќе го прифатиле новиот национален идентитет различен од македонскиот.
Овој твитот е споделен од лажен профил којшто го злоупотребува идентитетот на министерот Оливер Спасовски. Истиот повеќе не е активен поради пријави од Твитер заедницата дека е лажен.
И од Министерството за внатрешни работи за Вистиномер велат дека станува збор за лажен Твитер профил од кој бил споделен овој твит.
Официјалниот Твитер профил на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски може да се пронајде на следниот линк.
Од истиот профил постојано се споделуваат известувања за активностите на Спасовски како министер во Владата, фотографии од деловни средби, известувања за поважни теми од државно значење, апели, известувања и вообичаени активности на министерот односно учества на средби, конференции и настани како и изјави за медиумите. Оние Твитови во кои се промовираат активности на Министерството за внатрешни работи, се линкувани со официјалната веб страница на МВР.
Твитер профилот од кој што се споделува скриншотот во постот што го рецензираме е суспендиран и не му припаѓа на Спасовски. Од коментарите под постот e евидентно дека дел од корисниците на социјалната мрежа Фејсбук поверувале дека станува збор за официјално обраќање на министерот и упатуваат пцовки, навреди и обвинувања за предавство.
Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.
Извор: МЕТА