Учениците од „Владислав Рибникар“ во Белград се враќаат во школо со посебна наставна програма

Учениците од „Владислав Рибникар“ во Белград се враќаат во школо со посебна наставна програма

Во 18 часот денеска во Градското собрание, ќе се одржи комеморација за жртвите од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“

Една недела по трагедијата во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, учениците се враќаат во училишните клупи, пренесуваат српските медиуми. Родителите се повикани дека доколку имаат потреба, можат да дојдат со децата на училиште, кои денеска денот ќе го поминат со своите класни раководители, а ќе бидат одржани два часа.

Активностите, како што пренесуваат српските медиуми, ќе се прилагодуваат на потребите на децата, а родителите, наставниците и учениците ќе можат да разговараат со психолозите во училиштето.

Вчера Советот на родители одржал два состанока и била донесена одлуката да се почитуваат препораките на Министерството за образование, психолозите и на експертите и дека децата треба да се вратат на своите рутини.

Полицијата денеска го обезбедува влезот во училиштето.

Претставници на ресорните министерства, наставници, родители и психолози работат на плановите за училишната настава за текот на идната недела, известува РТС.

Во 18 часот денеска во Градското собрание, ќе се одржи комеморација за жртвите од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“. На комеморацијата ќе присуствуваат само семејствата на жртвите, вработени во училиштата, ученици и нивните родители, соопшти Министерството за образование.

Минатата недела во Србија за само 48 часа се случија два масакра – во средата, на 3 мај, седмоодделенецот К.К. (13) од ОУ „Владислав Рибникар“ со пиштол уби осум свои соученици и чуварот во училиштето, а повреди уште седум. Утредента, У.Б. (21) кај Младеновац, уби осум луѓе, а рани 14.

Министерката за здравство Даниела Грујичиќ вчера, соопштувајќи ја здравствената состојба на повредените изјави дека по пукањето кај Младеновац, две момчиња се во шок соба. Кај девојчето со повреди на главата, рече дека ќе следи операција на левото око со цел да се отстрани куршумот. За едно од девојчињата, повредено во пукањето во белградското училиште, Грујичиќ рече дека „состојбата е многу тешка“, додека ученикот со повреда на р`бетот е „потполно буден“.

Седмоодделенецот кој пукаше во свои соученици е под психијатриски надзор, додека во притвор до 30 дена е неговиот татко, В.К., со чие оружје пукаше момчето. Мерка притвор до 30 дена му е одредена и на У.Б., кој уби осум луѓе кај Младеновац. Српските медиуми соопштуваат дека утрово бил уапсен и неговиот татко и тој ќе биде задржан во полициска станица до 48 часа, по што ќе се знае дали обвинителството ќе бара мерка притвор.

Прочитајте повеќе

Мицотакис

Мицотакис: Опасна е селективната примена на „Преспа“

Селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе ги поткопа напорите за решавање на други отворени …